Владата го усвои Интегрираниот национален план за енергија и клима 2025–2030, документ што треба да ја трасира идната енергетска политика на државата. Планот кој содржи 61 мерка има за цел „намалување на емисиите на стакленички гасови, зголемување на обновливите извори и значително подобрување на енергетската ефикасност. И додека институциите ја гледаат стратегијата како јасна патека кон енергетска трансформација, експертот Ристо Цицонков предупредува дека клучниот предизвик ќе биде обезбедувањето стабилно и сигурно снабдување со електрична енергија во услови на брзи промени.

 

Владата го усвои Интегрираниот национален план за енергија и клима 2025–2030, документ што треба да ја трасира идната енергетска политика на државата и да обезбеди усогласување со европските стандарди. Планот, изработен од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, предвидува низа мерки за декарбонизација, енергетска ефикасност и зголемување на уделот на обновливи извори на енергија.

– Овој документ претставува јасна визија за енергетската иднина на државата, насочена кон одржливост, иновации и европски стандарди – наведуваат од Министерството и потенцираат дека со вкупно 61 мерка, Планот има за цел „намалување на емисиите на стакленички гасови, зголемување на обновливите извори и значително подобрување на енергетската ефикасност“.

Во фокусот на владините политики во наредниот период ќе бидат инвестиции во сончева, ветерна и хидроенергија, воведување систем за цена на јаглерод, како и постепено напуштање на јагленот.

– Паралелно се работи на зајакнување на енергетската безбедност преку диверзификација на изворите и регионална соработка – посочуваат од ресорното Министерство.

Сепак, дел од експертската јавност предупредува дека транзицијата нема да биде едноставна. Професорот Ристо Цицонков од Машинскиот факултет во Скопје оценува дека регионот се соочува со сериозни предизвици, особено поради постепеното затворање на термоелектраните на јаглен.

– Ако термоелектраните се отстранат од употреба, земјите од Западен Балкан ќе останат со мало сопствено базно производство, што значи ќе мораат да купуваат електрична енергија на отворен пазар – вели Цицонков.

Според него, дополнителен проблем е што обновливите извори не обезбедуваат континуирано производство.

– Кога нема сонце и ветер – нема производство, а потрошувачката, особено кај дата-центрите, е постојана 24 часа – нагласува тој.

Цицонков укажува дека иако во земјава има силен инвестициски бран во фотонапонски и ветерни електроцентрали, тоа не го решава проблемот со стабилноста на системот. Професорот додава дека ќе имаме ситуации со вишоци на електрична енергија што не може да се искористат, но и периоди со сериозен недостиг.

Како можни решенија, тој ги посочува изградбата на гасни електрани, хидроцентрали и развој на системи за складирање на енергија, но предупредува на нивните ограничувања.

– Гасните централи можат брзо да се изградат, но цената на гасот е неизвесна, а и станува збор за фосилно гориво. За хидроенергијата потребен е поинтегрален пристап, особено за проектот Вардарска долина, кој може да донесе стабилно „зелено“ производство – вели Цицонков.

Во однос на новите технологии, професорот ја отвора и темата за нуклеарната енергија.

– Денес има интензивен развој на мали нуклеарни електрани, кои што обезбедуваат стабилно производство без емисии на стакленички гасови. Сепак, остануваат сериозни прашања околу безбедноста и управувањето со радиоактивниот отпад –  вели Цицонков.

Од Владата нагласуваат дека Планот е креиран преку консултации со експерти, институции и меѓународни партнери, како и дека се очекуваат значајни придобивки.

– Со имплементацијата ќе се обезбеди поголема енергетска стабилност, нов инвестициски циклус и забрзана зелена транзиција – наведуваат од Министерството.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ