Тргнавме со идеали дека се случува остварувањето на историскиот сон за создавање целосно самостојна, независна и праведна држава, сега гледаме дека сè уште не се остварени тие. Напротив, во многу нешта сме далеку од она што сме сметале дека ќе биде направено за да имаме држава и општество со кои ќе бидат задоволни граѓаните. Но, не треба да се откажуваме. Новите генерации треба да ги исправат грешките што се направени и сè уште се прават. Во ваква рамка може да се стават мислењата на поранешните пратеници кои биле дел од првото македонско повеќепартиско Собрание, избрани во ноември 1990 година и кои во следните четири години ги донеле историските одлуки, кои биле темел на целосно независна држава. Празнувањето на 35-годишнината на независноста на државата е можност за потсетување дека одлуките биле носени во виорот на распаѓањето на поранешната заедничка југословенска федерација, во услови на менување на социјалистичкиот едноумен систем со пазарна економија, со повеќепартизам, со надворешни блокади и целосно неизвесна иднина. Но, тие 120 пратеници, претставници на дванаесет партии и коалиции и тројца независни пратеници, имаа храброст и единство да се соочат со сето тоа. Уште во јануари следната година почнаа да се носат историски одлуки: Декларација за сувереност на СР Македонија со која јасно се изрази волјата за воспоставување самостојна држава, беа избрани првиот претседател на државата и првата експертска влада, се тргна кон организирање на референдумот за независност кој се закажа за 8 септември 1991 година, се утврди државното знаме, се воведе националната валута за да кулминира сето тоа на крајот со ноемвриското усвојување на првиот демократски Устав на самостојната македонска држава. Оттаму, тие и имаат најголемо право да проценат и кажат до каде се стигнало сега, 35 години по конституирањето на Македонија како независна држава. Дел од нив откриваат за весникот ВЕЧЕР какво мислење имаат за досегашното остварување на идеалите чии темели ги поставија во она бурно и драматично време на распад на една заедничка и на создавање сопствена држава.
Државните интереси се изместија кон партиските
Во тој парламентарен состав, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ имаше најмногу, 38 пратеници. Јордан Бошков, кој беше дел од нив, ни кажува дека иако остана референдумското прашање недообјаснето зошто ја содржеше и формулацијата „право да…“, поставената цел била постигната.

– Референдумот е врв од придонесот на народот за самостојна македонска држава. Одлуката за него, исто како и Декларацијата за самостојност, се донесе со акламација и сè беше спроведено без грешка. Потоа, новиот Устав го зацврсти статусот на македонската држава согласно со нејзиното АСНОМ-ско основање, а тој содржеше и воведен дел, погрешно омаловажуван како преамбула – ни рече Бошков.
Според него, во подоцнежните години се случиле две амандмански унаказувања на Уставот, со Охридскиот рамковен… и договорот со Грција од Нивици).
– Тие го променија националниот (етнички) карактер на Македонија до степен на неузнавање, слично како и епизодата од 1995 година со промената на државното знаме. Општеството потона во аномија (незаконитост). Поединци, кои владеат со и преку парите, го разградија нашето општество со силна пропаганда, веројатно, посилна од етнофилетистичките пропаганди од 18 до 20 век. Денес, младите се повикани да ги отстранат противприродните пајажини и да воспостават ред и поредок во македонската национална држава, отстранувајќи ги наталожените промашувања на мојата генерација, генерација во која најостро блудеа и грешеа учените слоеви на населението – потенцира овој поранешен пратеник.
Меѓу 31. пратеник на тогашната партија СКМ – ПДП, сегашен СДСМ, беше и Тито Петковски. Според него, во хаосот и виорот на распадот на поранешна Југославија, Македонија добила шанса да создаде и уреди сопствена држава.
– Добивме шанса да го исполниме историскиот сон, тоа беше наша историска одговорност. Почнавме да донесуваме клучни документи, имавме жестоки дебати дали да има референдум или само одлука, но потоа направивме единство околу сето тоа. Ветар во грб ни даде и тогашната резолуција на ЕУ во која беше наведено дека нема да има промени на внатрешните граници и дека може да почне процес на осамостојување на републиките. Тогаш и почнаа подготовките за осамостојувањето, тоа беше херојско време за македонскиот плурализам. Политичките партии тогаш беа зрели и одговорни, со разбирање за интересите на другите. Стабилна, безбедна, сигурна држава во која ќе се живее подобро, со малцински права, со економска сигурност, тоа беше она што нè водеше како идеали – наведува Петковски.

Но, и тој смета дека во годините што следувале многу се отстапило од идеалите со кои се тргнало.
– Првата експертска влада беше единствена што првенствено се водеше со државните интереси. Во изминативе 35 години, не се покажа политичка зрелост каква што имаше претходно. Државните интереси ги изместија кон партиските. Сега имаме големо разочарување кај граѓаните, мислам дека ниту едно очекување на граѓаните не се исполни. Сите општествени вредности се изместени, сè се става во функција на личното збогатување, на партиите, на тајкуните. Тогаш не претпоставуваме дека 10 проценти од луѓето ќе располагаат со 90 проценти од македонското богатство, дека во државата ќе имаме 600.000 граѓани помалку. Тоа е катастрофално – потенцира Петковски.
Во тогашниот состав на Партијата за демократски просперитет имаше 17-мина пратеници од албанската етничка заедница. Еден од нив, Насер Зибери, ни наведува дека, во прв план, имале зацртано три цели: раздружувањето од СФРЈ да се одвива мирно без војна и жртви, во независна и суверена држава Република Македонија да се унапреди уставноправната положба на Албанците и нејзино меѓународно признавање и интеграција во сите меѓународни организации.
– Мислам дека успешно се справивме со предизвиците од процесот на раздружување и осамостојување. Но, процесите на унапредување на положбата на Албанците и демократизација на државата и општеството во целина, како и меѓународното признавање и интеграција, се одвиваа многу потешко, побавно и со скромни резултати. Барем ние мислевме дека процесот на транзиција кон демократизација и интеграција ќе биде далеку пократок, побрз и со подобри резултати. За жал, не се случи тоа како што замислувавме ние, напротив, како што одминуваше времето, препреките за побрз економски развој, побрза демократизација и интеграција се зголемија. Поминавме низ трнлив пат со блокади, ембарга, војни и вета и ден-денес не можеме да излеземе од тој вител – наведува Зибери.

И тој е на ставот дека од оваа перспектива, не се оствариле очекувањата, делумно од објективни, но делумно и од субјективни причини.
– Политичките структури што ја водеа државата често пати потфрлуваа, делумно како резултат на отсуството на визија за перспектива, делумно од страв за иднината и преземање посмели чекори, делумно од клиентелистички побуди и интереси. Политиката, наместо да се сфати како платформа што ќе мотивира за прогрес и напредок, се претвори во поле за остварување лични интереси, а тоа доведе до демотивација и отсуство на масовност и поддршка во политичките процеси. Излезноста на изборите е сè поимала, резултатите се сè поскромни, а отчетноста за сработеното сè помала. Разочарувањата од политиката, се разбира, се поголеми. Оваа сигурно не беа нашата визија и нашите очекувања во 1990, 1991 и натаму – потенцира овој поранешен пратеник.
Порака да се излезе од партиските ровови и да се подаде рака
И Ѓулистана Марковска, која беше меѓу единаесеттемина пратеници на Сојузот на реформските сили на Македонија, ни кажува дека тогашниот државотворен собраниски состав бил дом на демократијата, во кој немало гнев, немало омраза, туку ставање во служба на народот.

– Можеби, нашите мисли и патишта за остварување на вековниот сон на граѓаните за сопствена држава Македонија беше различен, но целта ни беше иста. Да успее Македонија на патот на независноста, со своја економија, свои пари,с вои независни институции. Имавме многу идеали, желби и многу ентузијазам. Немаше поделба на предавници и на патриоти – потенцира Марковска, додавајќи дека тогаш никој ниту знаел ниту зборувал за корупција, непотизам, тендери…
Меѓутоа, ни вели, по 35 изминати години, ни таа не може да каже дека е задоволна од развојот на Македонија.
– Сè уште сме економски неразвиена држава, зависна за енергија и за храна. Уништено е земјоделството, нема нови производствени капацитети, се градат само молови, младите ни се иселија, а сега се селат цели семејства. Во сопствената држава станавме луѓе без надеж за подобро утре. За жал, ние сме толку поделени, имаме невидена партизација, клиентелизам, примена на двојни стандарди, непочитување на законите, тоа е страшно. Избегаа срамот и моралот од Македонија. Каде е решението? Во единството. Посакувам да се направи екипа што нема да ни го дели народот, што економски ќе ја издигне Македонија, ќе направи стратешки пат за приоритетите и план за кој ќе се држи подолго време, со цел Македонија да биде просперитетна држава – вели искрено оваа поранешна пратеничка.
Да се направи македонска држава ни беше главната цел, ни кажува и Ристо Келешов, кој пред 35 години беше пратеник на Странката на Југословените. Се сакала и хомогена политика, која гарантира одржливост и просперитет на граѓаните, со непартиски и професионални институции.

– Наместо тоа, имаме политизирани институции со скромна експедитивност и професионалност. На политичките елити им препорачувам во програмите за наредните избори да имаат само една реченица: македонско национално единство. Тоа е основниот и единствен предуслов за исчекор од сегашната општествено-политичка зачмаеност. Излезете од партиските ровови и подајте си рака! – порачува Келешов.
Во тој собраниски состав, Тодор Петров беше еден од тројцата независни пратеници. Тој потенцира дека првиот парламентарен состав ја возобновил Македонија како суверена и самостојна држава и го нагласува значењето на референдумите.
– На референдумот одржан на 8 септември 1991, речиси четири петтини од вкупниот број запишани избирачи, Македонци по род и државјанство, гласаа за „суверена и самостојна држава Македонија“ без додавки и без придавки. На референдумот одржан на 30 септември 2018 година, речиси две третини од вкупниот број запишани избирачи, Македонци по род и државјанство, не гласаа за членство во ЕУ и во НАТО и ја отфрлија спогодбата Димитров – Коѕиас од 17 јуни 2018 година за промена на името на државата Македонија и идентитетот на македонскиот народ. Со неа, Македонија од држава треба да стане територија без македонски народ и историја, чии администратори ќе станат Атина и Софија, а Македонците од носител на државноста да станат една од многуте заедници. Одлуките на референдумот се задолжителни за сите, без исклучок – потенцира Петров.

Тој смета дека, за жал, изминативе 35 години покажале дека Македонија не пати од дефицит на демократија, туку од суфицит на врховизам, кој претставува сервилност на определена номенклатура, која во отсуство на доверба од сопствениот електорат, мандат за власт во Македонија бара од некоја туѓа и друга метропола.
– Во дваесеттиот век, тие метрополи биле Белград, Софија и Атина, во дваесет и првиот век – Брисел, Стразбур и Вашингтон. Станавме колонија на туѓи и други. Без еднострано раскинување на договорите со Бугарија од 1 август 2017 и со Грција од 17 јуни 2018, Македонија никогаш нема да биде правна држава во која владее правото и се почитуваат правата и слободите: ќе остане реплика на темниот вилает од времето на Отоманската Империја во која владеел башибозукот – смета Тодор Петров. (Б. Ѓ.)
Симјановски: Кљусев нè информираше дека резервите на масло и на брашно се бројат на денови
Наум Симјановски, пак, беше претставник на граѓаните како тогашен пратеник на Младинската демократска прогресивна партија, која никна од редовите на претходната младинска организација. Наведува дека тоа било тешко време.

– Кога ги носевме историските одлуки, во една пригода, тогашниот премиер, Никола Кљусев, нè информираше дека сме имале резерви ориз само за три месеци, резерви нафта за еден месец, а резервите на масло и брашно се броеја со денови. Но, не се откажавме од идеалите да направиме самостојна, демократска, праведна и правна држава. Сите бевме многу конструктивни, добивме и странска помош. Сега, до каде сме стигнати? Доволно кажува довербата од 2 отсто што ја имаат македонските граѓани во правосудството, дека секојдневно се задолжуваме. Работите не одат на арно. Основно е да се работи заедно за да се изградат заедничките вредности – предупредува Симјановски.












