Од 8,2 на 9,7 милиони евра порасна штетата во прецизираниот обвинителен предлог – еден од обвинетите денеска побара документот да го добие на албански јазик па судењето се одложи за петок
„Не се чувствувам виновен“ – вака Артан Груби денеска се изјасни пред Кривичниот суд во предметот за Државна лотарија, во кој заедно со уште седум лица е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување.
Груби не ја призна вината, а невини се изјаснија и останатите обвинети кои беа присутни во судницата. На поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, кој е во бегство, ќе му се суди во отсуство.
Судењето, сепак, траеше само околу 15 минути. Беше прекинато откако обвинетиот Башким Авди побара обвинителниот предлог и доказите да ги добие на албански јазик.
Судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски беше изненадена што барањето не го поднел порано, имајќи предвид дека обвинетиот и претходно ги добивал судските поуки преку преведувач. Обвинителот Александар Давчевски оцени дека станува збор за обид за злоупотреба на процесните права. Одбраната, пак, се повика на законското право на употреба на мајчиниот јазик.
Поради барањето, судијката немаше друга можност освен да го одложи рочиштето. Судењето ќе продолжи в петок.
ШТЕТАТА СЕ ЗГОЛЕМИ ЗА РЕЧИСИ 90 МИЛИОНИ ДЕНАРИ
Она што е ново во однос на првичната истрага е износот на штетата што му се става на товар на обвинетите.
Првично Обвинителството тврдеше дека Државната лотарија била оштетена за 507.632.173 денари, односно околу 8,2 милиони евра. По вештачењето, обвинението е прецизирано, а сега се тврди дека штетата изнесува 596.125.511 денари, односно околу 9,7 милиони евра.
Според обвинителниот предлог, обвинетите во текот на 2023 и 2024 година овозможиле набавка на машини и видеолотариски терминали и започнување со самостојно приредување електронски игри на среќа, иако, според Обвинителството, Државната лотарија немала право самостојно да го прави тоа.
Причината се поврзува со одлука од 2013 година, кога Државната лотарија го вложила правото на приредување електронски игри како непаричен влог во Државна видеолотарија – КАСИНОС АУСТРИА. Вредноста на правото тогаш била проценета на 6.244.898 евра, а Лотаријата за возврат добила 51 отсто удел во друштвото.
ГРУБИ ПРЕТСЕДАВАЛ СО СПОРНАТА СЕДНИЦА
Во центарот на обвинението е постапката за набавка на видеолотариски терминали.
Според обвинителството, тогашниот генерален директор на Државна лотарија Перпарим Бајрами во мај 2023 година доставил информација до генералниот секретар на Владата Методија Димовски за потребата од самостојно приредување електронски игри.
Во информацијата било наведено дека набавката претставува голема зделка и дека за неа треба да одлучува Надзорниот одбор на Државната лотарија.
Обвинителството, сепак, тврди дека Димовски ја внел информацијата како дополнителна точка на дневен ред на владина седница.
Со седницата, во својство на Собрание на Државната лотарија, претседавал Груби. Според обвинението, тој предложил точката да биде усвоена иако бил свесен дека Владата немала надлежност да донесе таква одлука.
По усвојувањето, Лотаријата била задолжена да продолжи со активностите за самостојно приредување електронски игри и да спроведе јавна набавка на видеолотариски терминали.
Потоа, според обвинителството, Надзорниот одбор ја одобрил набавката, иако обвинетите знаеле дека законската процедура не била испочитувана.
БАЈРАМИ ЌЕ СЕ БРАНИ ВО ОТСУСТВО
Поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, останува недостапен за органите на прогонот и против него е донесено решение да му се суди во отсуство.
На денешното рочиште Груби при проверката на личните податоци кажа дека моментално е невработен
Државната лотарија во постапката е оштетено правно лице. Нејзиниот адвокат денеска посочи дека друштвото има побарувања, но дополнително ќе одлучи дали ќе ги бара во кривичната постапка или преку посебна граѓанска парница. (П.А.)











