четврток, јуни 4, 2026
Дома МАГАЗИН Дорис Ди има нова, убава песна, со потпис на легендарниот Монтено –...

Дорис Ди има нова, убава песна, со потпис на легендарниот Монтено – популарната поп-пејачка поканува на промоција во Порта-Македонија

207

Добриот глас надалеку се слуша, па така и во случајот со талентираната македонска поп-пејачка Дорис Ди. Изминатиов период, таа сними нова песна, станува збор на некогашниот југословенски мегахит „Земљо моја“. Песната ни е одлично позната, премиерно испеана на сараевскиот фестивал „Вашиот шлагер на сезоната“ и остана да се слуша насекаде, од Вардар до Гевгелија. Одлично ја пееше популарната Исмета Крвавац со групата „Амбасадори“.

Ниту годините ниту лошите случувања на просторите на поранешна Југославија не можеа да ѝ наштетат на оваа убава патриотска песна. Деновиве кај нас, во Македонија, овој евергрин доживува нова, современа, модерна верзија, и тоа на македонски јазик. Автор на музиката е легендарниот Кемал Монтено, а македонскиот текст го напиша Огнен Неделковски. Новиот аранжман е дело на маестро Николче Мицевски.

По повод новата песна, Дорис Ди, в петок, на 17 април, во 11:00 часот, ќе одржи промоција за медиумите и за пријателите, во Порта-Македонија. Песната во интерпретација на Дорис Ди има и одлично сработен видеозапис. Се снимаше на повеќе локации во Македонија, па сосема е логично што сега текстот зборува за татковината Македонија.

Се снимаше во Етносело, Старата скопска чаршија, на тврдината Кале, на Матка, до гробот на Гоце Делчев, во Битола, Охрид, Гостивар, манастирот „Свети Јован Бигорски“, на кејот на реката Вардар покрај Камениот мост, а има и многу други пејзажи од нашата земја.

(Д. М.)

ИЗДВОЕНИ