Осми смртен случај од Западнонилска треска е регистриран во Македонија. Во текот на викендот починал 70-годишен пациент кој на 25 август бил примен на Клиниката за инфективни болести во исклучително тешка општа состојба.
Директорот на Клиниката за инфективни болести, Фадил Цана, денеска информираше дека пациентот веднаш бил сместен на интензивна нега, бил интубиран и ставен на механичка вентилација.
„Пациентот беше во изразито тешка општа состојба и покрај целиот третман и целиот напор на одделот за интензивна нега, во текот на викендот заврши со летален исход“, изјави Цана.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани осум пациенти со потврдена невроинвазивна форма на Западнонилска треска. Двајца од нив се во потешка состојба, се на интензивно лекување, интубирани се и се приклучени на механичка вентилација.
Речиси сите хоспитализирани пациенти се од Скопје. Исклучок е еден пациент од Свети Николе, кој се лекува на одделот за невроинфекции. Сите се на возраст над 60 години.
Добра вест е што во последните четири дена на Клиниката нема примен нов пациент со потврдена Западнонилска треска. Според Цана, пациентите кои се лекуваат на Клиниката се заразиле во земјава.
Со најновиот смртен исход, бројот на починати од Западнонилска треска годинава се искачи на осум. Вирусот се пренесува преку убод од заразен комарец, а ризикот од тешка форма на болеста е поголем кај повозрасните лица.(П.А.)











