Податоците од извештајот на „Банквоч“ јасно укажуваат дека проблемот повеќе не е само еколошки туку и правен, економски и општествен. Додека емисиите остануваат далеку над дозволените граници, а институциите не преземаат конкретни мерки против прекршителите, Западен Балкан останува заробен меѓу обврските за енергетска транзиција и реалноста на старите капацитети на јаглен, кои продолжуваат да загадуваат

И покрај обврските преземени со Договорот за основање на Енергетската заедница и осум години по стапувањето во сила на строгите стандарди за контрола на индустриското загадување, земјите од Западен Балкан и натаму бележат сериозно прекршување на законските лимити за емисии од термоелектраните на јаглен. На ова предупредува најновото, осмо издание на извештајот „Усогласи или затвори“ на „Бенквоч“.

Извештајот покажува дека емисиите на сулфур диоксид (SO2) од застарените термоелектрани во регионот во текот на 2025 година биле дури 6,6 пати над дозволените граници, додека емисиите на азотни оксиди (NOx) и загадувањето со прашина продолжуваат да го надминуваат законското ограничување. Особено загрижува фактот што загадувањето со прашина достигнало највисоко ниво од воведувањето на актуелните правила во 2018 година.

Според наодите, термоелектраните опфатени со националните планови за намалување на емисиите (НПНЕ) во Босна и Херцеговина, Косово, Македонија и во Србија колективно продолжуваат да работат надвор од законските рамки. Иако во изминатите години е забележано минимално намалување на емисиите на сулфур диоксид, построгите лимити за 2025 година дополнително ги разоткриле системските слабости во спроведувањето на регулативата и недостигот на институционална контрола.

Најголем загадувач во регионот повторно е термоелектраната „Угљевиќ“ во Босна и Херцеговина, која во 2025 година испуштила 115.079 тони сулфур диоксид – највисоко ниво од воведувањето на стандардите. Овој податок е особено индикативен ако се има предвид дека во постројката е инсталиран систем за десулфуризација, кој очигледно не ги дава очекуваните резултати.

Покрај „Угљевиќ“, меѓу постројките што ги надминале дозволените плафони за SO2 се и „Гацко“ и „Какањ 6“ во Босна и Херцеговина, како и блоковите Битола Б1 и Б2 и Битола Б3 во Македонија.

РЕК „Битола“ повторно во центарот на вниманието

Особено алармантни се податоците за загадувањето со прашина. Според извештајот, емисиите на ПМ-честички во регионот биле 2,9 пати над дозволеното ниво, при што најголем придонес имал РЕК „Битола“.

Електраната во Битола во текот на 2025 година ги удвоила емисиите во споредба со претходната година и самостојно испуштила повеќе прашина отколку што е дозволено за целиот регион на Западен Балкан. Тоа ја позиционира македонската термоелектрана како еден од најсериозните извори на индустриско загадување во регионот.

Во исто време, термоелектраната „Гацко“ останува најголем релативен загадувач со емисии на прашина што биле дури 15,1 пат над дозволеното ниво.

Во делот на азотните оксиди, ситуацијата останува речиси непроменета. Емисиите во 2025 година биле 1,4 пати над законскиот максимум, а Косово, Босна и Херцеговина и Србија повторно не успеале да ги исполнат своите обврски. Најголем поединечен емитер на NOx е српската термоелектрана „Никола Тесла Б“ со 11.247 тони емисии.

Долгогодишно прекршување без санкции

Иако Секретаријатот на Енергетската заедница има отворено повеќе постапки против државите поради незаконското работење на термоелектраните, извештајот посочува дека досега нема конкретни санкции кон загадувачите, ниту јасни и ажурирани планови за усогласување или затворање на постројките.

Според експертите, токму ваквата неказнивост создава впечаток дека еколошките дозволи и законските обврски се третираат како формалност, а не како обврзувачки механизми за заштита на јавното здравје.

– Во некои земји од Западен Балкан, сега имаме комбинација од двете најлоши сценарија: пад на производството на енергија од јаглен, без јасен пат како да се надминат социоекономските последици, комбинирано со високо и во некои случаи како Битола, дополнително влошено загадување. Наместо засилено да се спроведуваат мерките за намалување на загадувањето од еколошките дозволи, владите упорно ги игнорираат. Ова веќе е прашање на почитување на основните принципи на функционирање на едно демократско општество, како што е еднаквоста пред законот – изјави Давор Пехчевски, координатор за енергија за Балканот во „Банквоч“.

Енергетската транзиција станува неизбежна

Дополнителен предизвик за електраните на јаглен претставува и механизмот за јаглеродно гранично приспособување на Европската Унија (CBAM), кој почна да се применува од јануари 2026 година. Новите правила ги зголемуваат трошоците за извоз на електрична енергија произведена од јаглен, што директно влијае врз конкурентноста и профитабилноста на застарените капацитети.

Во услови кога Босна и Херцеговина, Македонија и Србија веќе бележат континуиран пад на производството на електрична енергија од јаглен, сè поочигледно е дека регионот се соочува со двоен предизвик: од една страна, зголемените еколошки последици, а, од друга страна, зголемените економски трошоци за одржувањето на старите постројки.

– Праведната транзиција не значи само затворање на електраните на јаглен туку и прекин на зависноста од јаглен во целиот регион. Додека Грција ги затвора своите термоелектрани на јаглен, продолжува да извезува јаглен за РЕК „Битола“, со што загадувањето и емисиите само се префрлаат преку границата. Истовремено, Македонија трпи загаден воздух, а со примената на CBAM и продолжувањето на работата на застарените капацитети, се соочува и со сè поголеми економски загуби. Наместо да губиме пари за одржување на минатото, потребни се инвестиции во обновливи извори и праведна транзиција, која ќе им користи и на граѓаните и на локалните заедници – истакна Елена Николовска, раководител на програмата за клима во „Екосвест“.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ