вторник, јуни 23, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Жетвата почна, а сè уште не се знае по која цена ќе...

Жетвата почна, а сè уште не се знае по која цена ќе се откупува пченицата

0

Додека жетвата на јачменот во Штипско и во Овче Поле е во полн ек, земјоделците сè уште немаат информација по која цена ќе се откупува годинашната пченица. Неизвесноста предизвикува револт кај производителите, кои предупредуваат дека со сегашните приноси и со високите производствени трошоци, цената пониска од 16 денари за килограм би значела работа со загуба. Од Министерството за земјоделство велат дека откупната цена се формира според пазарните услови и дека ќе интервенира државата само ако има нарушување на пазарот.

Од Министерството посочуваат дека Законот за земјоделство и рурален развој предвидува можност државата да интервенира преку интервентен откуп и утврдување интервентна цена во услови на пазарно нарушување, со цел стабилизација на пазарот и заштита на земјоделските производители. Воедно, на располагање е и мерката за складирање пченица и јачмен во сместувачките капацитети, во периодот од 15 јуни до 15 септември годинава, со што производителите добиваат можност да не го продаваат родот веднаш по жетвата доколку не им одговараат цените.

На терен, пак, незадоволството кај производителите расте. Според Гоце Серафимов, потпретседател на Асоцијацијата на земјоделци, откупувачите веќе понудиле цена за јачменот од 9 до 10 денари за килограм, што, според земјоделците, е далеку под реалните производствени трошоци.

– Жетвата на јачменот е во полн ек и околу 50 проценти од површините веќе се ожнеани. Цената што ја нудат откупувачите се движи од 9 до 10 денари за килограм. За пченицата сè уште немаме никаква информација. Производителите бараат цената да не биде под 16 денари, затоа што под тоа ќе работат со загуба. Во Овче Поле, Штипско и во Пробиштипско, приносите ќе бидат значително помали и нема да надминат околу два и пол тона од хектар кај пченицата и три тона кај јачменот. Кога ќе се пресметаат сите трошоци, производната цена излегува меѓу 18 и 19 денари за килограм – вели Серафимов.

Според земјоделците, годинава производството дополнително е погодено од недостигот на пролетни врнежи и од продолжените сушни периоди, што директно се одразило врз приносите. Тие предупредуваат дека ниските откупни цени би можеле дополнително да ги обесхрабрат производителите и да доведат до намалување на површините под житни култури во наредните години.

Производителите очекуваат во наредните денови откупувачите да излезат со конкретна цена за пченицата, која, според нив, треба да ги покрие барем основните производствени трошоци. Во спротивно, предупредуваат дека голем дел од земјоделците ќе ја завршат сезоната со загуби и покрај вложените труд и средства во производството.

ИЗДВОЕНИ