Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на свечена церемонија во „Вила Водно“, денеска ја одликуваше Светлана Мојсов со Орден „8 Септември“ за извонредниот придонес во биохемијата како врвна светска научничка и истражувачка.
Примајќи го ова високо признание, Мојсов преплавена од емоции и со трепет во гласот, се заблагодари за укажаната чест.
„Јас сум без зборови. Многу Ви Благодарам“, рече таа.
Говорејќи за импресивната биографија на Мојсов, претседателката истакна дека иако судбината ја однела во САД, со гордост кажуваме дека е Македонка, родена во Скопје.
„Нејзиното потекло го потврдува принципот дека судбината и космичката мудрост никого не дискриминираат, па и на малите заедници им подаруваат големи луѓе“, додаде Сиљановска-Давкова.
Таа ѝ се заблагодари на Мојсов, искажувајќи наклон за нејзиното грандиозно дело од значење за светската наука.
„Денес, со ова највисоко државно одликување – Орденот „8 Септември“ ѝ оддаваме признание и благодарност за нејзиниот фундаментален придонес кон развојот на македонската наука во светски рамки и кон македонската афирмација во највисоките меѓународни интелектуални кругови. Со своето научно дело и меѓународно признание, таа даде непроценлив придонес и нè задолжи како држава“, истакна претседателката на денешната церемонија.
Светлана Мојсов е родена на 8 декември 1947 г. во Скопје каде што завршила основно и средно образование. Високото образование го завршува на Природно-математичкиот факултет, насока физичка хемија, на Универзитетот во Белград каде што дипломирала во 1971 г. Во 1972 г. се запишала на докторски студии на Рокфелеровиот универзитет во Њујорк. Работела под менторство на нобеловецот Брус Мерифилд. Работела на синтеза на пептиди. Методата која ја развивала со нејзиниот ментор придонела во созревањето на биохемијата како наука којашто во тоа време сè уште не е доволно етаблирана. Но, како резултат од нејзината повеќегодишна макотрпна научно-истражувачка работа произлезени се дури 10 значајни патенти.
Таа е добитничка на бројни светски награди и признанија. Во земјава, таа ја доби Светската награда на хуманизмот на градот Охрид, прогласена е за почесен професор на Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје, а предложена е и за почесен професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и почесен член на Македонската академија на науките и уметностите.
Светлана Мојсов е хемичарка-биохемичарка – основно училиште завршила овде, во Скопје, а дипломирала на Природно-математичкиот факултет во Белград, на насоката физичка хемија. Докторирала на Рокфелеровиот универзитет во Њујорк во биохемиската лабораторија под менторство на Брус Мерифилд, кој развивал методи за синтеза на пептиди на цврста фаза од полимерна подлога (пептидите се едни од основните молекули на животот). И покрај тогашната скепса во научната јавност за ефективноста на синтетичката метода на Мерифилд, Светлана му предложила на својот ментор да работи на синтеза на глукагон, хормон на панкреасот што го регулира метаболизмот на шеќерите во нашиот човечки организам. Како резултат на нејзината луцидност и креативност, самопрегорната и макотрпна работа, во 1981 г. успеала да ја изврши синтезата и да добие доволни количества од овој важен хормон, глукагонот. По нејзината успешна работа, во 1984 г. на Мерифилд, нејзиниот ментор, самостојно (за жал) му била доделена Нобеловата награда за хемија за развојот на методологија за хемиски синтези на биомолекулите.
Во 1983 година, Мојсов со сопругот се сели во Бостон и започнува работа во Одделението за ендокринологија на Општата болница на Масачусетс, а наскоро потоа почнува соработка со Лабораторијата за молекуларна ендокринологија на Џоел Хабенер. Треба да се нагласи дека Мојсов, уште пред да ја почне соработката со групата на Хабенер, веќе извршила синтеза на аналози на т.н. „пептид сличен на глукагон“, создала антитела за различните пептиди, оптимизирала радиоимунолошки тестови и хроматографски методи за разделување на пептидите сродни на пептидот сличен на глукагон. Мојсов самостојно ги идентификувала секвенците на аминокиселините, што подоцна се покажало дека се од клучно значење за развојот на биомедицината на овој пептид. Во пресвртен труд којшто го напишала и се темелел на нејзините експерименти, великодушно поканила за коавтори неколкумина од групата на Хабенер.
Во 1990 година, Мојсов се враќа на Рокфелеровиот универзитет кадешто е избрана за вонреден професор. Работи со групата на Ралф Стајнман во областа на дендритските клетки, којшто во 2011 г. ја добива Нобеловата награда за физиологија или медицина. Се чини дека оние со кои ќе почне да соработува Светлана, потоа добиваат Нобелова награда.
Мојсов веќе била на Рокфелеровиот универзитет кога почнале да се објавуваат клинички трудови за благодатите на пептиди што таа лично ги синтетизирала. Меѓутоа, без да биде информирана, Општата болница во Масачусетс поднела барање за патенти и тоа само на името на Хабенер. Големата корпорација „Ново нордиск“ ги откупува правата, а лековите базирани на нејзините сознанија за дијабетес и слабеење стануваат едни од најпродаваните и најпрофитабилните во поново време. За жал, комерцијалниот аспект на денешната наука ја прави жртва на човечкиот грев, слично како и сите останати човекови дејности.
Кога започнаа да се доделуваат признанија за овие фундаментални откритија во областа на синтезата на биомолекулите, и покрај нејзината исклучителна скромност и чесност, таа конечно презеде чекори за исправување на оваа неправда. По објавувањето напис во водечкото научно списание „Science“, постепено започна да ѝ се оддава признание за нејзиниот темелен придонес во оваа област. Следуваа низа врвни научни признанија, какви што во светот на науката им се доделуваат само на малкумина:
2023 – VinFuture, Иноватори со извонредни достигнувања во новите научни области – Јенс Јуул Холст, Џоел Францис Хабенер и Светлана Мојсов;
2023 – Nature, 10 највлијателни научници на годината;
2024 – Pearl Meister Greengard Prize на Рокфелеровиот универзитет;
2024 – Time, 100 највлијателни луѓе, иноватори;
2024 – Princess of Asturias Awards, Технички и научни истражувања – Даниел Џ. Друкер, Џефри М. Фридман, Џоел Ф. Хабенер, Јенс Јуул Холст и Светлана Мојсов;
2024 – Tang Prize, Биофармацевтски науки – Џоел Ф. Хабенер, Светлана Мојсов и Јенс Јуул Холст (оваа награда во Азија добива репутација како Нобеловата награда во Европа);
2024 – Lasker-DeBakey Clinical Medical Research Award – Џоел Хабенер, Светлана Мојсов и Лоте Бјере Кнудсен;
2024 – BBVA Foundation Frontiers of Knowledge Award, Биологија и биомедицина – Даниел Џошуа Друкер, Џоел Хабенер, Јенс Јул Холст и Светлана Мојсов;
2025 – Warren Triennial Prize – Џоел Хабенер, Даниел Џ. Друкер, Јенс Холст и Светлана Мојсов.
Затоа македонската научна јавност, во знак на длабока благодарност и на признание за нејзиното научно дело, ѝ ја додели Светската награда на хуманизмот на градот Охрид, ја прогласи за почесен професор на Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје, ја предложи за почесен професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и за почесен член на Македонската академија на науките и уметностите.
Денес, со ова највисоко државно одликување – Орденот „8 Септември“ – ѝ оддаваме признание и благодарност за нејзиниот фундаментален придонес кон развојот на македонската наука во светски рамки, но и кон македонската афирмација во највисоките меѓународни интелектуални кругови. Со своето научно дело и меѓународно признание, таа даде непроценлив придонес и нè задолжи засекогаш како држава.
Ја чувствувате ли светлината на Светлана во овој простор? Јас ја чувствувам.












