вторник, јуни 23, 2026
Дома СВЕТ Четириесет луѓе се удавија во Франција бегајќи од жештините

Четириесет луѓе се удавија во Франција бегајќи од жештините

163
EPA/ANNA SZILAGYI

Најмалку 40 луѓе се удавија во Франција во последните денови додека се обидуваа да се разладат од екстремната топлина што зафати голем дел од Европа, изјави францускиот премиер Себастиен Лекорну.

Според него, најголем дел од жртвите се млади луѓе, а смртните случаи се регистрирани од 18 јуни. Француските власти ги предупредуваат граѓаните да не влегуваат во реки, канали и други неорганизирани места за капење, бидејќи обидите за разладување на опасните места сè почесто завршуваат трагично.

Голем дел од Франција е под предупредување за највисоко ниво на топлина. Метеоролозите предвидуваат температури околу 40 степени Целзиусови, додека во некои делови на западна Франција живата во термометарот би можела да достигне 43 степени. Франција ги забележа најтоплите ноќи и попладне од почетокот на мерењата во 1947 година.

Горештините го нарушија секојдневниот живот: некои возови се откажани, училиштата ги скратуваат часовите или затвораат, а работодавците воведуваат мерки за заштита на работниците. Во Париз жителите се соочија со непроспиени ноќи во апартмани кои главно не се прилагодени на овие температури. Топлотниот бран ги зафати и Италија, Шпанија, Белгија и Велика Британија. Во Шпанија се издадени црвени предупредувања за делови од земјата, а се очекуваат температури и до 44 степени. Мадрид отвори климатски засолништа за најранливите граѓани, вклучувајќи ги и бездомниците.

Во Италија е издадено највисоко ниво на предупредување за 15 градови, додека во Велика Британија се очекуваат температури кои можат да ги соборат јунските рекорди. Поради жештините се воведуваат сообраќајни ограничувања, а некои училишта предвреме завршуваат настава.

Метеоролозите велат дека екстремната топлина е поврзана со временскиот образец познат како „Омега блок“, кој го заробува топол воздух над одредена област и дозволува температурите да растат од ден на ден, пренесува Ројтерс.

Според Светската метеоролошка организација, Европа се затоплува повеќе од двојно побрзо од глобалниот просек, поради што се почести долготрајните и опасни топлотни бранови.

ИЗДВОЕНИ