сабота, септември 26, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Филипче: Земјоделците не можат да ја преживеат сезоната, криминалната власт ги остави...

Филипче: Земјоделците не можат да ја преживеат сезоната, криминалната власт ги остави на цедило

0

Земјоделците не можат да ја преживеат сезоната, криминалната власт ги остави на цедило, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешните средби со земјоделци од Светиниколскиот регион. Филипче укажа дека земјоделците се оставени сами да се справуваат со огромните трошоци, а Овчеполието, кое со години наназад е познато по земјоделството, денес се соочува со сериозни проблеми, додека власта никако не им помага на земјоделците.

„Никаков откуп на грозјето, на пченицата, смешни откупни цени на млекото. Едноставно на овие луѓе им е потребна сериозна помош, поради тоа што не само што не можат оваа сезона земјоделска да ја преживеат, туку се поставува најсериозното прашање – што ќе се случува до година со овие огромни трошоци за ѓубрива, за нафта и со никакви, не само никакви ниски откупни цени, туку и никаков откуп на земјоделските производи“, рече Филипче.

Филипче посочи дека земјоделците се соочуваат со растечки трошоци за производство, а дополнително нема ниту сигурен откуп, ниту соодветна цена за нивниот труд, ниту поддршка од власта, што ја доведува во прашање нивната егзистенција и иднината на земјоделството.

„Земјоделците ми упатија сериозен аргумент – ако вака продолжи оваа власт да не се грижи за земјоделството, за две години овде земјоделството  нема да постои“, рече Филипче.

Тој потсети дека СДСМ во Собранието предложи конкретна финансиска поддршка за земјоделците погодени од кризата и повика власта конечно да го слушне гласот на луѓето кои се оставени без помош.

„Предложивме предлог Закон за поддршка финансиска во оваа криза во земјоделството за што се надевам дека оваа ненародна, криминална, корумпирана и антимакедонска власт навистина ќе излезе во пресрет и ќе даде поддршка, односно барем еднаш во овој изминат период ќе го слушне гласот на народот“, рече Филипче.

ИЗДВОЕНИ