петок, октомври 9, 2026
Дома СВЕТ Заглавени дипломатски преговори: Русија, САД и Украина без конкретен план за средба

Заглавени дипломатски преговори: Русија, САД и Украина без конкретен план за средба

0

Русија во моментов нема планови за продолжување на трилатералните преговори со Соединетите Американски Држави и Украина за завршување на војната, изјави синоќа заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, додавајќи дека Москва и понатаму е отворена за такви контакти.

„Во моментов нема никакви конкретни планови за одржување контакти во овој формат. Што ќе биде понатаму, не зависи од нас“, изјави Рјабков, а пренесе агенцијата РИА Новости.

Рјабков ја префрли одговорноста за прекинот на трилатералните средби врз украинската страна, но нагласи дека Москва не ги затворила вратите за продолжување на дипломатските контакти.

Неговата изјава следуваше откако американскиот државен секретар Марко Рубио оцени дека војната меѓу Русија и Украина влезе во „стратешки ќорсокак“ и дека во моментов не се наѕираат изгледи за нејзино дипломатско завршување.

Рубио предупреди дека таквата ситуација би можела да доведе до дополнителна ескалација на судирот, кој, како што наведе, би можел да зафати и други земји и да прерасне во поширок конфликт. Истовремено тој порача дека САД и понатаму се подготвени да помогнат во постигнувањето мировен договор.

Рускиот претседател Владимир Путин на 25 септември изјави дека предлозите за продолжување на преговорите со Украина и понатаму „стојат на маса“, но додаде дека Москва ќе мора да го разгледа својот одговор по масовниот напад со дронови во пресрет на главниот ден од изборите за Државната дума, пренесува „Москов тајмс“.

Путин наведе дека Русија е подготвена по гласањето да се врати на дијалогот, додека портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Москва очекува одржување трилатерална средба за решавање на конфликтот со учество на САД во текот на октомври.

Продолжување на разговорите во истиот формат најавуваше и шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Кирило Буданов, кој исто така како можен период за средбата го наведе октомври.

Меѓутоа, дипломатскиот процес, според зборовите на портпаролот на Кремљ, дополнително е отежнет откако американскиот претседател Доналд Трамп потпиша закон со кој се предвидуваат остри санкции за Русија. Песков оцени дека тоа „ги компликува напорите“ насочени кон изнаоѓање решение и дека во моментов нема предуслови за враќање на мировниот преговарачки пат.

Трилатералните разговори меѓу Русија, Украина и САД за завршување на војната се одржаа во текот на јануари и февруари 2026 година, двапати во Абу Даби и еднаш во Женева.

И Обединетите Арапски Емирати и Швајцарија во меѓувреме изразија подготвеност повторно да бидат домаќини на дипломатските разговори.

Соединетите Американски Држави настојуваа во текот на есента да ги обноват преговорите, а американскиот претседател во почетокот на септември во Москва и Киев ги испрати своите претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер, но сепак не беше постигнат позначаен напредок, пренесе „Фајненшел тајмс“.

Како една од главните пречки се наведува прашањето за териториите. Според тие наводи, Путин и понатаму бара Украина да го предаде Донбас, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски го одбива тој услов.

Извори на Блумберг наведоа и дека Путин не покажал подготвеност да ги ублажи ставовите, туку одлучил да ги засили нападите врз украинската енергетска и топлинска инфраструктура за да изврши дополнителен притисок врз Киев.

ИЗДВОЕНИ