петок, октомври 9, 2026
Дома СВЕТ „Најбезобразниот пензионер во Германија“: Остри реакции во Берлин по средбата меѓу Шредер...

„Најбезобразниот пензионер во Германија“: Остри реакции во Берлин по средбата меѓу Шредер и Путин

32

Посетата на поранешниот германски канцелар Герхард Шредер на рускиот претседател Владимир Путин повод неговиот роденден предизвика остри критики кај германските политичари од повеќе партии, пишува весникот „Цајт“.

Генералната секретарка на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Франциска Хоперман, оцени дека посетата на Шредер е срамна, наведувајќи дека за време на прославата во Русија, деца во Украина страдале во руските напади.

Политичарката од редовите на Зелените, Катрин Геринг-Екарт, и пратеничката од Слободната демократска партија (ФДП) задолжена за одбранбена политика, Мари-Агнес Штрак-Цимерман, исто така го осудија заминувањето на Шредер во Москва.

Геринг-Екарт посетата ја нарече срам и предавство на Европа, додека Штрак-Цимерман поранешниот канцелар го нарече „најбезобразниот пензионер во Германија“, критикувајќи го за тоа што претходно ги откажувал сведочењата пред анкетната комисија од здравствени причини, додека сега отпатувал на роденденската прослава на Путин.

Слична критика изнесе и Денис Радке, претставник на социјалното крило на ЦДУ, кој иронично оцени дека Шредер е доволно болен за да не сведочи пред анкетната комисија, но е доволно здрав за пат во Москва и нови приходи од Русија.

Шредер минатата година повеќепати го откажа сведочењето пред анкетната комисија која се занимаваше со климатската фондација на германската сојузна покраина Мекленбург-Западна Померанија и нејзината улога во изградбата на гасоводот „Северен тек 2“, наведувајќи дека боледува од синдром на согорување.

За разлика од нив, пратеникот од Социјалдемократската партија на Германија (СПД) и стручњак за надворешна политика, Ралф Штегнер, ја бранеше посетата на Шредер, истакнувајќи дека поранешниот канцелар престојувал во Москва како приватно лице.

„Ако посетата на Шредер придонесе за мирот барем за еден милиметар, тогаш беше успешна“, изјави Штегнер за весникот „Тагесшпигел“, додавајќи дека поранешниот канцелар и понатаму може да отвори врати за разговори со Путин.

Според соопштението од Кремљ, Путин од медиумите дознал дека Шредер се наоѓа во Москва деловно, по што го поканил својот долгогодишен пријател на гости повод роденденот.

Шредер, кој има 82 години, со години е на мета на критики поради блиските врски со Путин и ангажманот во рускиот енергетски сектор. По почетокот на судирот во Украина, тој повеќепати се сретна со рускиот претседател, а Путин во мај го спомена како можен посредник во преговорите за завршување на војната.

Пред посетата на Путин, Шредер ја посети московската филијала на рускиот огранок на германскиот трговски синџир „Глобус“, каде што им се обрати на вработените. Тој неодамна беше именуван во надзорниот одбор на таа компанија, пренесува Танјуг.

ИЗДВОЕНИ