Тој нагласи дека нуклеарната тријада останува исклучително релевантна на секојдневно ниво, со оглед на тековните геополитички околности.
Нуклеарната тријада служи како сигурна гаранција за безбедноста на Русија во услови на крајно непријателско меѓународно опкружување, изјави денеска портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.
„Нашата земја моментално се наоѓа во многу непријателско опкружување. Токму затоа, нуклеарната тријада претставува сигурна гаранција за нашата безбедност“, им рече Песков на новинарите. Тој алудираше на воената доктрина – конкретно на структурата на стратешките нуклеарни сили, која се потпира на три посебни компоненти за лансирање нуклеарно оружје: копнена, воздушна и поморска.
Тој подвлече дека нуклеарната тријада останува исклучително релевантна на секојдневно ниво, со оглед на тековните геополитички околности.
Претходно денеска, рускиот претседател Владимир Путин присуствуваше на церемонијата на подигнување на знамето на новата повеќенаменска нуклеарна подморница „Перм“. Подигнувањето на знамето означува влез на подморницата во активната борбена флота на Руската морнарица.
„Перм“ е првиот брод од сериско производство што е способен да носи хиперсонични крстосувачки ракети „Циркон“.
Исто така, се наведува дека „Перм“ е петтиот брод од класата „Јасен-М“ – повеќенаменски нуклеарни подморници. Изградбата на „Перм“ започна во јули 2016 година, а пловилото беше спуштено во вода во март 2025 година. По спуштањето во вода, подморницата успешно ги заврши сите фази на тестирање. Во март 2026 година, главнокомадувачкиот на Руската морнарица, Александар Мојсејев, во интервју за весникот „Красная звезда“ изјави дека подморницата „Перм“ ќе ја зајакне руската Тихоокеанска флота.
Повеќенаменските нуклеарни подморници од класата „Јасен-М“ носат крстосувачки ракети „Оникс“ и „Калибар“. Исто така, објавени се официјални планови за нивно опремување со ракети „Циркон“.
Според официјалните податоци, првиот површински брод што носел ракети „Циркон“ бил бродот од Северната флота, „Адмирал Горшков“. „Циркон“ е руска поморска хиперсонична ракета, развиена од Корпорацијата за тактички ракети (КТРВ).
Во април 2025 година, рускиот претседател изјави дека ракетата „Циркон“ има дострел поголем од 1.000 километри и брзина до 10 Маха.












