Македонскиот театарски фестивал во Прилеп го слави својот јубилеј
Достоинствена и емотивна вечер сведочеше публиката во гледалиштето на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп и целата македонска нација преку директниот пренос на МТВ1, на свеченото отворање на 60. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Вечерта на петти јуни беше во знакот на паметењето и колку е тоа важно за секоја култура. Во таа чест беше и проекцијата на документарецот посветен на 60 години фестивал, во кој театарски уметници и работници што оставиле белег низ годините, зборуваа за неговото значење. Со бурни аплаузи што траеја и по неколку минути беа поздравени лауреатите на наградите за животно дело и членовите на нивни семејства: Атила Клинче, Веби Ќерими, Сашо Миленковски и Љубомир Чадиковски.
–Зад мене се 44 години како актер, директор на институција и како професор. Тоа е мојот скромен придонес за афирмација на македонскиот театар, на турската заедница во земјава и надвор од неа. Им благодарам на мојата драга колешка Ана Стојаноска, на колегите од фестивалот што ме удостоија со вака значајна и престижна награда и вие, публико, бидејќи со вас пораснавме. Не мислам дека е крај, наградата ми дава уште поттик, рече Атила Клинче и низ солзи се заблагодари на своето семејство за сета поддршка.
Актерот Веби Ќерими, пак, им се заблагодари на сите што се заложиле за оваа награда, на своите колеги од Албанскиот театар за безрезервната поддршка.
–Исто така не треба да се заборави оваа прекрасна прилепска публика, која со децении и е верна на овој културен театарски настан во земјава, рече Ќерими.

Во име на македонскиот режисер Сашо Миленковски, наградата ја прими неговата ќерка Сара Миленковска, која истакна: „Овој фестивал го има препознаено храбриот и нов пристап кон театарот. Како ќерка на режисер и сестра на режисерка, сум имала привилегија да растам во театарот и околу театарот и на сите можни начини да знам колку е значајно да се вложува во театарот и да останеме храбри и достојни“.
И театарскиот деец и поранешен претседател на Театарот за деца и младинци – Скопје, Љубомир Чадиковски, не ја криеше својата среќа за наградата.
– Оваа награда не е само лично признание, ами признание за еден пат, за години поминати во театарот на сцена, меѓу сценографии, режисери, деца, млади… По професија сум архитект, но судбината ме однесе на сцената која секогаш ми беше простор да се исполни со идеја, со емоции, со светлина. Имав чест да создадам светови што траеја кратко на сцената, но долго остануваа во сеќавање на публиката. Посебно место во мојот живот има Театарот за деца и младинци. Децата заслужуваат уметност, младите заслужуваат сцена. Тој театар не е мал, оти детската публика не може да се измами, кога човек ќе погледне наназад, ги паметите луѓето на сцена, режисерите, техничарите, сите тие што се чесни во себе… и секако публиката, детските очи. Оваа награда е за сите што веруваа во театарот кога не било лесно. Делото не завршува со награда, сè додека има сцена, публика, деца, приказни… театарот ќе продолжи да живее, истакна Чадиковски.

Покровителката на фестивалот, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, со голем пиетет кон лауреатите ѝ се обрати на публиката. Таа го прогласи фестивалот за отворен. Во своето обраќање Сиљановска-Давкова посака овој јубилеј да не биде само навраќање на богатото театарско минато, туку провокација и поттик за нови приказни.
-Шест децении сцената на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ е простор на највисоки дострели на македонската театарска уметност. Прилеп видел генерации талентирани и расни актери, режисери, драматурзи и сценски творци, носители на улоги и претстави, кои продолжуваат да живеат и по спуштањето на завесата. Од античката аристотеловска катарза со која се соочува човештвото денеска, преку шекспировото драмско огледало, до чернодринскиот фестивал, театарот останува ретко место каде што човекот доброволно, вклучувајќи ме и мене, се соочува со вистината. Во трагедијата ја чувствуваме тежината на изборот, во комедијата се чудиме и се смееме на сопствените слабости, во драмата ги препознаваме човечките премрежиња, во гротеската се соочуваме со нашите, човекови парадокси. Фестивалот „Војдан Чернодрински“ е симбол на творечка енергија, уметничка храброст и ненаситна љубопитност за нови сценски дострели кои инспирираат, многупати вознемируваат, провоцираат, но и облагородуваат. Денес, во време на брзи слики и куси сеќавања, театарот нè повикува не само да гледаме туку и да чувствуваме и да проникнуваме во себе. Може ли една претстава да нè освести до болка или да нè израдува до делириум? Може ли еден актер да ни го открие човекот во нас? Може, рече Сиљановска-Давкова.

На свеченоста на отворањето на фестивалот се обрати и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
– Со подигнувањето на завесата, фестивалот испишува нова приказна за сценските волшепства, уметничката историја и културната традиција со која се афирмира македонското драмско творештво. Фестивалот „Војдан Чернодрински“ претставува временска верига на високи театарски вредности што се создаваат на македонска почва и само овде, во Прилеп, театарот умее да ја собере небесната амброзија на човечката мисла, што ги оживува вековите и нè поведува по патеките што единствено ја откриваат суштината на постоењето и иднината на вечниот театар, рече Љутков.
Истакна и дека името на Војдан Чернодрински – македонскиот писател, патриот, револуционер, театарски режисер, артист и основоположник на македонскиот театар – веќе шеесет години претставува синоним за новите специфики и креативната форма на македонскиот театар и симбол на нераскинливата поврзаност на неговото творештво и револуционерната борба на македонскиот народ низ вековите.
– Еден град без театар е навистина град без душа. А културата, колку и да е скапа, секогаш е поевтина од некултурата што доаѓа по неа. Како министер за култура, немам намера да се однесувам како проблемот да не постои. Објектот на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ е затворен од март минатата година поради сериозни безбедносни недостатоци. Тоа е недозволива состојба за институција со 75-годишна традиција, со повеќе од 400 премиери и над два милиони гледачи. Тоа не е само проблем на Прилеп. Тоа е прашање на достоинството на македонската култура. Додека се водеа други битки и се бараа други признанија, институции како оваа беа оставени да стареат, да пропаѓаат и да чекаат подобри времиња. Тоа време завршува денес. Проектот за целосна реконструкција на Театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп е подготвен и ќе го реализираме. Не како политичко ветување, туку како долг кон генерациите уметници што ја создаваа историјата на овој театар и кон генерациите што допрва ќе ја создаваат неговата иднина, додаде Љутков.
На свеченоста за нивниот придонес за фестивалот беа испочитувани и актерите Кирил Ристоски, Петре Темелкоски, Катерина Коцевска, Стојан Дамчески и Дејан Проданоски, актуелен градоначалник на Прилеп.

По официјалниот дел на програмата, настапи Драмскиот театар со претставата „Мачкина глава“ од Венко Андоновски, а во режија на Дејан Пројковски.
На свеченото отворање во салата му претходеше изложбата на артефакти во чест на јубилејот, што започна со перформанс на студентите на ФДУ, според текстови на Дејан Дуковски, а во режија на Шенај Мандак. Изложбата продолжи кон Музејот на икони, па Саат-кулата, Рекламите и симболично во холот на „Марко Цепенков“. Прилепчани беа видно емотивни, особено членовите на семејствата на основачите.

– Културата треба да памети, народот, луѓето треба да се сеќаваат, затоа што животот е краток. Сите ние поминуваме низ разни премрежиња и убаво е да оставаме траги зад нас. Театарот е ефемерна уметност, се случува во мигот дури ја гледаме претставата, се гасат светлата и ја нема повеќе. Затоа е многу важно да се чува во нашите сеќавања. Оваа изложба со Звонко Димоски ја замисливме како патување низ фестивалот, рече уметничката директорка на фестивалот, Ана Стојаноска, на отворањето на изложбата.
Вкупно 13 претстави ќе бидат изведени на јубилејното издание кое ќе трае до 12 јуни – девет во официјална и четири во придружна програма. Фестивалот годинава се одржува под мотото „Храбриот нов театар“ и тематот „Кризата на човекот во општеството и кризата на општеството во човекот“.

Денеска на програмата на фестивалот е Дејан Дуковски, автор во фокус на 60. јубилејно издание. Програмата во негова чест ќе започне во 18 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, со краток настап на студенти на ФДУ, кои работеа со режисерката Шенај Мандак. Ќе следува отворање на изложба на постери од претстави поставени според драмските текстови на Дуковски по цел свет. Авторка на изложбата е Јасмина Алексова. Веднаш потоа ќе следува промоција на двете книги со драми на Дуковски, во издание на „Арс Ламина“. Ќе се обратат уредничката на книгите, Оливера Ќорвезироска и Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот и авторка на поговорот. Изданијата, насловени „ДРАМИ – Книга 1“ и „ДРАМИ – Книга 2“, се објавени во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“, под импринтот „Арс Либрис“. Во првата книга се застапени драмите: „Балканот не е мртов“, „Буре барут“, „Маме му ебам кој прв почна“, „Другата страна“ и „Празен град“. Во неа има и впечатлив предговор од Слободан Унковски, нашиот истакнат режисер, кој тесно соработува со Дуковски уште од неговите почетоци. Втората книга ги содржи: „Утерус“, „Изгубени Германци“, „Дух кој оди“, „Последниот балкански вампир“ и „Црно злато (Опиум или Пари)“ – најновиот драмски текст на Дуковски, кој годинава ја имаше својата праизведба во Белград, а до крајот на годинава ќе биде поставен и на сцената на Македонскиот народен театар во Скопје. Двете книги „Драми“ претставуваат значаен придонес за македонската книжевна и театарска сцена – можност новите генерации да го откријат, а постарите читатели одново да му се навратат на еден од најмоќните драмски гласови кај нас.












