Режисерката на филмот „Непознатата жена“, Меј ел-Тухи, е осмата режисерка што ја освоила главната награда на фестивалот. „За мене, овој филм е приказна за женското тело како бојно поле. Во исто време, филмот зборува за жените што остануваат незабележани, невидени и без глас“, рече Ел-Тухи на доделувањето на наградите на Мостра
Филмот „Непознатата жена“ на данската режисерка Меј ел-Тухи го освои „Златниот лав“ за најдобар филм на 83. Филмски фестивал во Венеција, додека познатиот американски актер Џон Малкович беше прогласен за најдобар актер за улогата на ексцентричен агент на ЦИА во филмот „Дивиот коњ девет“.

Филмот „Непознатата жена“ е драма за Данска по нацистичката окупација. Филмот ја следи приказната за млада дадијарка и куќна помошничка, која треба да се омажи за својот богат работодавач кратко по завршувањето на војната. Сепак, таа крие тајна за мината љубовна врска со германски војник – врска што се заканува да ѝ ја уништи репутацијата.
Интересно е што наградата за најдобра актерка ја зеде „непознатата жена“ – Матилде Арсел.
Режисерката на филмот, Ел-Тухи, е осмата режисерка што ја освоила главната награда во Венеција.
„За мене, овој филм е приказна за женското тело како бојно поле. Во исто време, филмот зборува за жените што остануваат незабележани, невидени и без глас“, рече Ел-Тухи. Таа ѝ се заблагодари на Џиленхол што го искористила својот глас за да укаже на нееднаквите можности за жените во филмската индустрија.Малкович, пак, кој не присуствувал на церемонијата поради снимање на друг проект во Монтреал, му се заблагодари на жирито преку видеопорака.
„Чест ми е што сум избран за оваа награда, која им е доделена на многу исклучителни актери“, изјави Малкович.

Големата награда на жирито му припадна на филмот „Можна љубов“, приказна за класните разлики и светот на трудот во режија на Ли Чанг-донг од Јужна Кореја, додека „Сребрениот лав“ за најдобар режисер му беше доделен на Илја Хржановски за филмот „ДАУ“. Се работи за филм за советски физичари кои работеле на развојот на атомската бомба, а чија продукција траела повеќе од 20 години. Хржановски, кој се откажа од руското државјанство во знак на протест против војната во Украина, им ја посвети наградата на Украина и на Украинците, вклучително и на својата мајка, која е родена во таа земја.
Специјалната награда на жирито му беше доделена на документарниот филм „Наза“ – кој се занимава со конфликтот во Газа – на израелските режисери Јувал Абрахам и Рејчел Зор, кои се познати по филмот „Нема друга земја“.
„Искрено, воопшто не е лесно да се стои овде и да се размислува за сите луѓе – израелските политичари и новинари дома – кои го напаѓаат и отфрлаат овој филм без воопшто да го гледаат. Навистина, навистина ни е важно Израелците да го видат овој филм“, кажа Абрахам.
Филмот „Наза“ е сниман во текот на три години, во строга тајност и ноќе, на покривите на згради во Тел Авив. Тој содржи сведоштва од 24 поранешни припадници на израелската војска – вклучувајќи разузнавачи и војници – кои зборуваат за војната во Газа.
За најдобро сценарио беа наградени Стефан Бризе, Корали Амедео и Оливие Горс за филмот „Добар мал војник“.
Наградата „Марчело Мастројани“ за најдобар млад актер ја доби Малу Кебизи за филмот „15/18 (Место за исцелување)“, додека наградата на публиката „Армани бјути“ ја освои филмот „Јас сум важна“ на романската режисерка Алина Шербан.
Наградата „Луиџи де Лаурентис“ за најдобар дебитантски филм ѝ припадна на „Куќата на ветрот“ на режисерот Огист Бернар Куемо Јангхуи. За време на церемонијата му беше оддадена почит на британскиот продуцент Џереми Томас – добитник на Оскар за најдобар филм за „Последниот кинески цар“ – кој почина во петокот на 77-годишна возраст.
Членови на жирито во натпреварувачката категорија освен Меги Џиленхол, беа и режисерите Каутер Бен Ханија, Џони То и Шахрбану Садат; францускиот режисер и сценарист Ксавие Џаноли; композиторот Даниел Блумберг; како и италијанскиот филмски теоретичар Франческо Касети.
Наградите на Филмскиот фестивал во Венеција често се сметаат за ран показател за потенцијалните кандидати за номинации и за освојување на наградата „Оскар“. (Д. Т.)
Фото: ЕПА












