Република Македонија годинава е почесен гостин и партнер на 35. Меѓународен саем на книгата во Абу Даби, Обединети Арапски Емирати, кој вчера беше отворен во присуство на македонската делегација предводена од државниот секретар за култура и туризам, Беса Ода Муртеза.

Во рамките на програмата „Балканска култура – почесен гостин“, Македонија на посетителите им претставува дел од своето богато и повеќеслојно културно наследство, како и современата книжевна продукција. На националниот штанд се изложени оригинални ракописи од збирката „Ориенталистика“ на НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, меѓу кои ракописи постари од 600 години, артефакти од националното културно богатство од Археолошкиот музеј, како и изданија од современата македонска литература и преводи од арапски на македонски јазик.

„Ваквите меѓународни саеми се многу повеќе од места на кои се претставуваат книги. Тие се простор каде што културите се среќаваат, воспоставуваат дијалог и создаваат нови можности за соработка. Нашето учество како почесен гостин и партнер во Абу Даби е значајна можност македонската литература, културното наследство и современото творештво да ги претставиме пред нова меѓународна публика, но и да отвориме нови врати за нашите автори, издавачи и културни институции“, истакна државниот секретар за култура и туризам, Беса Ода Муртеза.

Таа посочи дека е особено значајна професионалната димензија на учеството, која овозможува поврзување на издавачи, автори, културни институции и други професионалци од Балканот со нивни колеги од арапскиот свет и од меѓународниот книжевен пазар.

„Ова е можност културата да ја користиме како мост меѓу луѓето и државите, но и како конкретна алатка за создавање нови партнерства, преводи, издавачки соработки и меѓународна размена. Сакам македонската култура да биде видлива, присутна и препознатлива на големите светски културни платформи“, додаде Муртеза.

Организаторот на Меѓународниот саем на книгата во Абу Даби донесе и значајна одлука, со која изработениот национален штанд ѝ го подари на нашата држава. Штандот во иднина ќе биде во сопственост на Министерството за култура и туризам и ќе може да се користи при претставувањето на македонската култура и книжевност на меѓународни саеми и други културни настани во странство.

Учеството на Македонија како почесен гостин и партнер на 35. Меѓународен саем на книгата во Абу Даби претставува важен чекор во јакнењето на меѓународната видливост на македонската култура и во создавањето долгорочни културни врски со арапскиот свет и пошироката меѓународна културна сцена.

Преку книгата, литературата, уметноста и културното наследство, саемот во Абу Даби ги поврзува различните култури и цивилизации и отвора простор за дијалог, соработка, размена и меѓусебно разбирање.

ИЗДВОЕНИ