Министерот за труд и социјална политика на Латвија, Реинис Узулњекс, денеска беше разрешен од функцијата откако полицијата го затекнала како управува автомобил под дејство на алкохол, објави латвискиот јавен сервис LSM.
Според латвиската телевизија, Узулњекс бил приведен додека возел во алкохолизирана состојба, а било утврдено дека имал 3,5 промили алкохол во крвта.
По инцидентот, премиерот Андрис Кулбергс издал наредба за негово разрешување од функцијата министер за труд и социјална политика. За вршител на должноста министер бил назначен Улдис Аугулис.
Роман Гагунов, истражувач и предавач по општествени науки на Универзитетот во Рига „Страдинш“, оцени дека станува збор за сериозен случај кој отвора пошироко прашање за консумирањето алкохол меѓу државните функционери.
„Ако министерот го прави ова, тогаш тоа покажува дека имаме проблеми со алкохолизмот и во политичките кругови“, изјави Гагунов, додавајќи дека ова не е прв случај на проблеми поврзани со употребата на алкохол меѓу функционерите.
Според него, случајот би можел да се одрази врз рејтингот на Унијата на зелените и селаните само неколку недели пред парламентарните избори. Тој оценува дека токму поради тоа партијата реагирала брзо, со повлекување на Узулњекс од министерската функција и негово исклучување од партијата.
Узулњекс е прв на изборната листа на Унијата на зелените и селаните во Земгале за парламентарните избори закажани за октомври.
Според измените на Кривичниот законик на Латвија, кои стапија во сила во ноември 2022 година, кривична одговорност е предвидена за управување возило со концентрација на алкохол во крвта или издишаниот воздух над 1,5 промили.
За ова кривично дело е предвидена затворска казна до една година, како и одземање на возачката дозвола во период од пет години.












