Откупните цени паѓаат, а доматите, краставиците и пиперките се продаваат по значително повисоки цени во маркетите и на зелените пазари. Земјоделците велат дека најголемиот товар и ризик останува кај нив, додека разликата до крајната цена ја земаат откупувачите и трговците. Додека производителите едвај ги покриваат трошоците, цените на доматите, краставиците и пиперките во малопродажба достигнуваат и над 100 денари за килограм

Цените на земјоделските производи повторно ги празнат паричниците на граѓаните. Евтини домати, краставици и пиперки веќе тешко се наоѓаат и на зелените пазари и во маркетите, а цените на дел од сезонските производи достигнуваат и над 100 денари за килограм. На зелените пазари, килограм домати се продава од 60 денари па нагоре, додека во некои скопски маркети цената надминува 100 денари за килограм. Слична е ситуацијата и со краставиците, чија цена се движи од 70 до 110 денари. Пиперките за пржење се продаваат од 80 до 100 денари за килограм, додека за килограм ајварка граѓаните треба да издвојат околу 60 денари.
Цените се особено високи ако се има предвид дека станува збор за сезонски производи, за кои во овој период од годината традиционално се очекува да бидат подостапни за потрошувачите.
За разлика од малопродажните цени, земјоделците велат дека откупните цени на нивните производи паѓаат или остануваат на ниско ниво. Според нив, најголемата разлика се создава по патот од производителот до крајниот потрошувач.
– За разлика од откупните цени, кои во моментов паѓаат, малопродажните цени на зелените пазари и во маркетите постојано растат. Доматите се продаваат од 60 до 80 денари за килограм, а во одредени места цените се и повисоки. Краставиците, пак, се движат од 70 до 100 денари за килограм. Ова јасно покажува колкава е разликата меѓу откупната и крајната малопродажна цена и колку заработуваат откупувачите и трговците на грбот на земјоделците, изјави за весникот ВЕЧЕР Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.
Тој посочува дека производителот го продава својот производ по ниска цена, додека, до потрошувачот, тој стигнува по значително повисока цена.
– Најголемиот дел од товарот и ризикот останува кај земјоделецот, а најголемата заработка се прави по патот од нивата до трпезата. Ако продолжи оваа состојба, ќе имаме сè помалку домашни земјоделски производи, а граѓаните ќе ги плаќаат сè поскапо. Земјоделците немаат економска логика да произведуваат ако откупните цени се ниски, а трошоците за производство постојано растат. Ова е реалноста во македонското земјоделство и ако не се преземат конкретни мерки за заштита на производителите, последиците ќе ги почувствуваат и земјоделците и потрошувачите, вели Каракашев.
Проблемот со разликата меѓу откупните и малопродажните цени не е нов за македонското земјоделство. Примарниот земјоделски производител e најчесто во најнеповолна положба во целиот синџир. Тој ги презема најголемите ризици – од временските услови и можните загуби на родот, до високите трошоци за ѓубрива, препарати, гориво и работна сила – но има најмала можност да влијае врз продажната цена.
Агроекономистите посочуваат дека токму тука се создава еден од најголемите проблеми во земјоделскиот сектор.
– Земјоделецот ги пресметува трошоците за производство, но тие постојано растат и често е принуден да продава и под цената на чинење. Откупувачот потоа ги додава своите трошоци и маржа, преработувачот го прави истото, а на крајот, и трговецот ја додава својата маржа. Така, во целиот синџир секој има простор да заработи, освен земјоделецот, објаснуваат агроекономистите.
Дополнителен проблем е зависноста од временските услови, особено кај овоштарите и раноградинарските производители. Мразот, градот, сушата и високите температури можат за кратко време да предизвикаат големи загуби, додека земјоделците истовремено остануваат со високи производни трошоци.
Од друга страна, кога родот е добар, производителите повторно се соочуваат со проблем – ниски откупни цени и ограничена можност за преговарање со откупувачите. Така, добрата година за производство не секогаш значи и добра заработка за земјоделецот.
Државата и претходно интервенираше со различни мерки за ограничување на маржите и стабилизирање на цените, но тие најчесто беа краткорочни. Земјоделците бараат посистемски мерки со кои би се обезбедила поголема транспарентност во целиот синџир, подобра позиција на производителите при откупот и поголема контрола врз формирањето на крајните цени.
Податоците за движењето на цените покажуваат дека поскапувањето на храната и na земјоделските производи останува сериозен товар за семејниот буџет. Според Државниот завод за статистика, цените на мало во мај 2026 година биле повисоки за 5,6 отсто на годишно ниво, при што значаен раст бележат и цените на земјоделските производи.
Доколку ваквиот тренд продолжи, последиците би можеле да бидат двојни – земјоделците сè потешко ќе наоѓаат економска логика да произведуваат, а потрошувачите ќе се соочуваат со сè повисоки цени на домашните производи. Намалувањето на производството, пак, може дополнително да ја зголеми зависноста од увоз и да создаде нов притисок врз цените.
(А. С.)












