Тестирана на ветрови од 160 километри на час и на симулирани земјотреси од 10 степени според Рихтеровата скала, кулата на Водно влегува во последната фаза пред отворањето. Освен што ќе биде клучен телекомуникациски центар на државата, објектот со ротирачка платформа и панорамски поглед кон Скопје има амбиција да стане нов туристички и архитектонски симбол на главниот град. Во тек е  постапката за добивање употребна дозвола, која опфаќа технички преглед и прием на објектот. Доколку процедурата се одвива според предвидената динамика, од Агенцијата за електронски комуникации очекуваат свеченото отворање да се одржи на 2 Август – Илинден

 

Тивко движејќи се угоре кон Милениумскиот крст додека ветерот ги носи облаците над Водно, новата телекомуникациска кула изгледа како да излегува од самата планина. Висока, елегантна и впечатлива, таа доминира над хоризонтот на Скопје.

Од каде и да се погледне – од кејот на Вардар, од Аеродром, Карпош или Чаир, нејзината силуета се издвојува меѓу зеленилото на планината, претставувајќи се како ново архитектонско обележје на македонската престолнина.

На околу 500 метри источно од Милениумскиот крст, непосредно до врвот Крстовар, на највисоката точка на Водно, се издига овој импозантен објект за кој повеќе од една деценија се зборуваше, се градеше и се чекаше да биде завршен.

Со конечна висина од 155 метри, кулата е меѓу највисоките објекти во државата. За 25 метри е повисока од кулите „Џеваир“ во скопски Аеродром и повеќе од двојно повисока од зградата на Македонската радиотелевизија. Денес, по години проектирање, градежни работи, технички испитувања и административни процедури, кулата влегува во финалната фаза пред официјално пуштање во  употреба.

Камен-темелникот беше поставен на 10 октомври 2013 година, иако подготовките за овој мегапроект започнаа многу порано. Проектната документација беше изработена уште во 2012 година, а анализите за нејзината локација, поставеност и висина датираат уште порано, 2010/2011.

– Телекомуникациската кула на Водно е еден од најголемите инфраструктурни проекти реализирани во Скопје во изминатата деценија. Во моментов сме во завршната фаза од постапката за добивање употребна дозвола – вели за весникот ВЕЧЕР Илија Кепевски, советник на директорот на Агенцијата за електронски комуникации и човекот кој повеќе од десет години е одговорен за реализација на проектот.

Тој раскажува дека патот до завршувањето на кулата не бил ниту краток ниту едноставен. Вели дека зад денешната монументална конструкција стојат илјадници страници документација, бројни ревидирања на проектот, нови инженерски решенија и безброј часови работа на терен.

– За деталите од реализацијата би можеле да се напишат стотина страници. Проектот се реализираше повеќе од десет години и се соочи со бројни предизвици – од административни процедури до сложени технички решенија кои се носеа директно на градилиштето – раскажува Кепевски.

Токму специфичната локација и комплексноста на конструкцијата наметнаа потреба од примена на технологии што дотогаш не се користени во Македонија.

Кепевски посочува дека на овој проект првпат бил употребен „SCC“ самоливен бетон, материјал што овозможува беспрекорно исполнување на густо армирани конструкции, а за потребите на градбата беше изградена и специјална бетонска база со лабораторија за контрола на квалитетот.

– Арматурата беше исклучително густа и класичните решенија не можеа да дадат резултат. Затоа воведовме нов тип бетон и нови технологии кои по првпат се користеа кај нас – објаснува Кепевски. Покрај тоа, по првпат била применета и современа хидраулична самоносива клизна оплата од системот ПЕРИ, технологија која овозможува континуирано издигнување на бетонското јадро.

Но, пред да стане реалност, Кепевски вели дека кулата помина низ серија ригорозни тестирања – испитана е на платформата во ИЗИИС како би се однесувала при земјотрес, но и како ќе реагира на урагански ветрови бидејќи е на врвот на планината на висина на апсолутна кота на 1034, на надморска висина на врвот 1189 метри. Во германскиот град Бохум бил изработен модел на кулата во размер 1:100 кој бил испитуван во аеродинамички тунел во лабораторијата на Универзитетот во Фиренца. Целта била да се провери како објектот ќе реагира на силни воздушни струења.

– Кулата беше тестирана на ветрови со брзина од 160 километри на час и не покажуваше никакви отстапувања – вели Кепевски.

Паралелно со тоа, во лабораториите на ИЗИИС во Скопје, беше направен уште еден модел за симулација на земјотреси.

– Ја изложивме на симулирани потреси до 10 степени според Рихтеровата скала. Резултатите беа импресивни – немаше ниту конструктивни оштетувања, ниту пукнатини – додава тој.

Од архитектонски аспект, кулата претставува редок пример на современа футуристичка архитектура во Македонија. Нејзината композиција се состои од централно армирано-бетонско јадро, четири кружни платформи и челична  решеткава конструкција која завршува со антенски систем. Платформите се поставени околу јадрото како автономни волумени што создаваат впечаток дека лебдат во воздухот. Токму тие се еден од најпрепознатливите визуелни елементина објектот.

На врвот, конструкцијата постепено се стеснува и преминува во челичен антенски столб, кој дополнително ја нагласува вертикалноста на кулата. Гледана од долу, од градот Скопје, таа изгледа како модерен светилник над градот.

Иако вниманието на јавноста е најчесто насочено кон нејзиниот изглед, суштината на кулата е во нејзината телекомуникациска функција. Во неа ќе биде сместена опремата на телекомуникациските оператори, како и националниот систем за контрола и мониторинг на радиофреквенциите.

– За Агенцијата за електронски комуникации ова е стратешки објект. Со него добиваме современа телекомуникациска инфраструктура и значително повисоко ниво на контрола и сигурност на комуникациските мрежи – нагласува Кепевски.

Внатрешноста на кулата е, всушност, еден комплексен систем за да може самостојно да функционира. Има две трафостаници по 1000 KVA за редовно и резервно напојување, како и два резервни агрегати 2х1100 KW, резервоари за вода од 10.000 и oд 100.000 литри, како и резервоар за гориво од 7.000 литри, пречистителна станица и метеоролошка станица. Кепевски нагласува дека објектот ќе биде управуван далечински, односно ќе нема постојан персонал, освен лица за нејзиното обезбедување.

Но, кулата нема да биде затворен технички објект. Една од платформите, последната, највисоката, на 87. метар од кулата е планирано да биде сместен панорамски ресторан со ротирачка платформа со капацитет да прими околу шеесет гости. Оттаму, посетителите ќе имаат можност да уживаат во панорамски поглед кон Скопје, Скопска Црна Гора, Шар Планина, Јакупица и голем дел од  централна Македонија.

– Панорамскиот дел има потенцијал да стане нова туристичка атракција на Скопје. Ваквите објекти се препознатлив белег на бројни европски градови и верувам дека и кај нас ќе го имаат истиот ефект – оценува Кепевски.

Токму тука започнува следното поглавје од приказната за кулата. Колку таа ќе стане вистинска туристичка атракција, ќе зависи и од пристапноста до објектот.

Кепевски нагласува дека засега не е предвидено отворање на патот за слободен сообраќај на возила. Посетителите ќе пристигнуваат со жичарницата, пеш или преку постојните рекреативни патеки.

– Доколку кулата стане туристичка дестинација од поширок интерес, логично е да се отвори прашањето за дополнително унапредување на пристапноста, особено во делот на јавниот превоз, жичарницата и пешачката инфраструктура – смета Кепевски.

Проектот веќе привлекува внимание и надвор од државата и ќе биде изложен на  светската архитектонска сцена. Кепевски вели дека кулата е пријавена на Светскиот фестивал на архитекти (WAF) за 2026 година што ќе се одржи годинава  во октомври во Мајами, САД, кој е еден од најреномираните архитектонски настани во светот.

– Самата номинација претставува признание дека објектот има архитектонска и инженерска вредност што заслужува меѓународно внимание. За Македонија, тоа е можност да се претстави со еден од највпечатливите современи објекти изградени во последните години – вели Кепевски.

Во моментот, кулата се наоѓа во последната административна фаза пред официјалното пуштање во употреба. Кепевски вели дека, минатата недела, Агенцијата за електронски комуникации го добила решението за измените во текот на градбата – еден од клучните документи неопходни за отпочнување на постапката за добивање употребна дозвола.

– Ова решение е составен дел од документацијата што се доставува при поднесување на барањето за употребна дозвола. Без него не може да се комплетира постапката – вели тој.

По поднесувањето на барањето, процедурата продолжува во Министерството за транспорт, кое по службена должност побарува мислења од повеќе надлежни институции. Истовремено, министерот формира посебна Комисија за технички преглед и прием на објектот. Пред членовите на Комисијата ќе се најде обемна документација – од проектите и сертификатите за вградените материјали, до атести, извештаи и записници од изведувачот, подизведувачите и надзорните тимови.

– Во процесот се разгледуваат сите сегменти на градбата: архитектурата, конструктивниот дел, електричните и машинските инсталации, сообраќајното решение, противпожарната заштита, водоводот и канализацијата, како и мерките за заштита на животната средина – објаснува Кепевски.

Покрај проверката на документацијата, Комисијата ќе изврши и детален увид на самата кула на Водно. По извршениот технички прием ќе биде составен записник во кој ќе бидат наведени евентуалните забелешки што треба да се отстранат.

– Доколку Комисијата утврди одредени недостатоци, изведувачот има рок од 30 дена да ги отстрани. Потоа следува повторен увид, по што Комисијата изготвува конечен извештај врз основа на кој Министерството ја издава употребната дозвола – објаснува Кепевски.

Со добивањето на правосилната употребна дозвола ќе се заокружи повеќегодишниот процес на изградба, а кулата и формално ќе може да биде впишана во јавните книги како сопственост на Агенцијата за електронски комуникации. Во АЕК очекуваат нивните обврски да бидат завршени во текот на наредните денови, но динамиката на понатамошната постапка ќе зависи од институциите вклучени во процесот.

– Законот предвидува рок од 15 дена, но во практиката, тоа не се случува секогаш толку брзо. Реално, очекуваме целата постапка да биде заокружена до средината на јули. Доколку сè се одвива според планираното, 2 Август, на празникот  Илинден, би бил симболичен и убав датум за свечено отворање на кулата – заклучува Кепевски.

Светлана БЛАЖЕВСКА

ИЗДВОЕНИ