Скопје станува сè поскапо место за живот, а месечниот буџет на еден човек брзо се топи под ударот на храната, сметките, превозот и другите секојдневни трошоци. Според податоците на „Нумбео“, на едно лице му се потребни околу 34.766 денари, односно околу 565 евра месечно за основните трошоци, без кирија. За оние што живеат под кирија, сумата значително расте, особено во најбараните скопски населби. Во споредба со Охрид и Битола, Скопје останува меѓу најскапите градови за секојдневна живејачка во земјава. Но, овие бројки се само ориентир, бидејќи „Нумбео“ се потпира на податоци внесувани од корисници и други извори, а не на официјалната државна статистика

Платата ќе легне, а за кратко време веќе почнува да се топи за кирија, храна, сметки, превоз, кафе… Весникот ВЕЧЕР, повикувајќи се на бројките на „Нумбео“, анализира колку пари му требаат на еден човек за да го истера нормално месецот во Скопје?
Ако се погледнат бројките на „Нумбео“, одговорот не е баш за радување. Според податоците, на едно лице му требаат околу 34.766 денари (околу 565 евра) месечно за основните трошоци, но без кирија. Податоците се за јуни 2026 година.
И тука почнува скопската математика. Платата ќе легне на сметка, прво се плаќа кирија, па сметки, па маркет, па превоз или гориво. Ќе се купи нешто за дома, ќе се излезе на кафе, можеби ќе се руча надвор еднаш-двапати и тамам човек ќе помисли дека месецот штотуку почнал – парите веќе почнуваат да се топат.
Ако немате свој стан, киријата е една од најголемите ставки во месечниот буџет. Еднособен стан, зависно од локацијата и условите, може да биде сериозен удар за домашниот буџет. Ако сакате да живеете во Центар, Карпош или на некоја друга побарана локација, сметката може да биде уште поголема.
На хартија, Скопје е поевтино од голем број европски градови. Но, проблемот е што скопјанецот не плаќа со европска плата. Токму затоа, една цена што на човек со многу поголема заработка можеби му изгледа нормална, кај нас може сериозно да го „удри по џеб“.
И храната одамна не е нешто за што може да се каже дека е евтина. Ќе влезете во маркет со намера да купите неколку работи, а на каса сметката лесно ќе отиде на илјадници денари. Леб, млеко, јајца, месо, овошје, зеленчук, средства за хигиена… Кога ќе се собере сето тоа во текот на еден месец, сумата не е мала.
А потоа доаѓаат и малите трошоци што најчесто ги забораваме кога правиме план. „Само едно кафе“ звучи безопасно. Но ако тоа стане навика, па плус нешто за јадење, паркинг, такси или некоја ситница од продавница, на крајот од месецот тие „само по сто-две стотки“ можат да направат прилично голема дупка во буџетот.
Еден оброк во поевтин ресторан во Скопје, според „Нумбео“, е околу 400 денари, додека оброк за двајца во ресторан од средна категорија е околу 1.800 денари. Брз оброк е околу 350 денари. Не звучи страшно ако се гледа една сметка. Но, ако човек јаде надвор неколку пати во месецот, сумата брзо расте.
Ако, пак, имате автомобил, тогаш листата продолжува. Гориво, регистрација, сервис, гуми, паркинг… Автомобилот може да биде удобност, но знае и добро да го „испразни“ паричникот.
Затоа не е тешко да се стигне до 50 или 60 илјади денари месечни трошоци за човек кој живее сам и плаќа кирија, дури и без некакво луксузирање. Нема тука скапи патувања, гардероба од познати трговски марки или секојдневни вечери по ресторани. Станува збор за обичен живот – јадење, сметки, превоз, стан и некој излез.
За оние што имаат свој стан, ситуацијата е полесна бидејќи немаат кирија. За оние кои се двајца и ги делат трошоците, исто така. Но, кога ќе дојдат деца, кредит, автомобил, градинка, лекови или некој непланиран трошок, месечната математика повторно се менува.
И токму затоа, сумата од околу 35 илјади денари без кирија треба да се гледа со резерва. Тоа е процена на основните трошоци, а секој човек има различни навики и потреби. Еден ќе готви дома и ќе штеди на ресторани. Друг ќе јаде надвор. Некој ќе оди со автобус, друг ќе вози автомобил. Некој ќе живее во свој стан, а друг ќе дава половина плата за кирија.
Но, едно е заедничко за сите – кога ќе стигне крајот на месецот, добро се знае она чувство кога ќе го отвориш мобилното банкарство и ќе се прашаш: „Чекај, бе… каде отидоа сите пари?“
Дали Скопје е најскапиот град за живеење во Македонија? Податоците на „Нумбео“ покажуваат дека живејачката на едно лице во Охрид чини 35.246 денари месечно. Тоа значи дека Охрид е за 0,2 % поскап од Скопје (за некои ситни 480 денари), но затоа, пак, кириите се за 31,1 % пониски отколку во Скопје.
Месечните трошоци на едно лице во Битола, вториот град по големина во државата, изнесуваат 29.860 денари затоа што градот под Пелистер е за 15,3 % поевтин од Скопје, а кириите се за 42,7 % пониски од главниот град.
Важно е да се има предвид дека „Нумбео“ е база со податоци внесувани од корисници и од други извори, па бројките ги земавме како ориентир, а не како официјална државна статистика.
(С. Бл.)












