И покрај повисоките цени на аранжманите и долгите редици на граница, интересот за летување во Грција не стивнува. Македонските туристи кои веќе престојуваат таму велат дека цените на храната, пијалаците и на услугите речиси не се променети во споредба со лани. На плажите, лежалка со вклучен пијалак чини од 6 до 7 евра. Кафето во кафулињата и баровите се движи од 2 до 3 евра, пивото на плажа чини околу 3 евра, а во ресторан од 2,5 до 5 евра. Крофна на плажа може да се купи за 1,5 до 2 евра, додека обилно гиро се продава по цена од 4 до 5 евра. За љубителите на пица, фамилијарна пица доволна за шест лица чини околу 14 до 16 евра

 

Македонските туристи кои веќе летуваат во Грција велат дека цените во маркетите, рестораните и на плажите не се зголемени драстично, но за сместување годинава плаќаат значително повеќе отколку лани. Грција и ова лето останува најпосакуваната дестинација за македонските туристи, а првите гости кои ги користат аранжманите во претсезона велат дека цените на храната, пијалаците и на услугите не бележат поголеми промени во споредба со минатата година. Тие посочуваат дека цените на овошјето и на зеленчукот во маркетите се речиси идентични со ланските, а слична е состојбата и со цените на кафето, пивото и на останатите производи во кафулињата и баровите на плажа. Исто е и со лежалките, за кои во најголем дел од туристичките места сè уште важи правилото дека нивното користење е бесплатно со задолжителна нарачка на пијалак со обична вода за пиење.

– Очекувавме многу повисоки цени бидејќи пред почетокот на сезоната се зборуваше за големи поскапувања. Но, кога дојдовме видовме дека цените на храната, овошјето, зеленчукот и на кафето се речиси исти како лани. Не забележавме некоја значителна разлика во секојдневните трошоци – велат македонски туристи кои веќе престојуваат во Грција.

Според нив, цените во маркетите се движат од 80 центи до 1,20 евра за килограм домати, пиперките чинат од 90 центи до едно евро, црешите околу два до три евра за килограм, лубеницата околу два евра, додека кајсиите и праските се продаваат по околу 1,5 евро за килограм.

На плажите, лежалката за цел ден со вклучен пијалак чини од 6 до 7 евра. Кафето во кафулињата и баровите се движи од 2 до 3 евра, пивото на плажа чини околу 3 евра, а во ресторан од 2,5 до 5 евра. Крофна на плажа може да се купи за 1,5 до 2 евра, додека гирото се продава по цена од 4 до 5 евра. За љубителите на пица, фамилијарна пица доволна за шест лица чини од 14 до 16 евра.

– Веќе има голем број туристи на плажите бидејќи времето е топло и овозможува капење во морето. И навечер, во туристичките места има голема раздвиженост, а најбројни се Македонците, Србите и Бугарите – вели еден наш турист.

За љубителите на шопингот, туристичките места нудат производи за сечиј вкус и буџет. Во дел од продавниците може да се најде гардероба по многу ниски цени, па така панталони, шорцови, маици,  може да се купат и за само едно евро.

Од туристичките агенции потврдуваат дека годинава цените на сместувањето се повисоки во споредба со минатото лето.

– Во претсезона, аранжманите се поскапи за околу 25 евра по лице, додека во екот на сезоната, разликата достигнува од 60 до 70 евра по лице, во зависност од дестинацијата, терминот и видот на сместувањето. Поскапувањето е резултат на зголемените трошоци на хотелите и апартманските комплекси, како и на повисоките оперативни трошоци, велат од агенциите.

И покрај повисоките цени на аранжманите и долгите редици на границата, најчесто на Евзони, поради новиот систем за регистрација на влез и излез во Европската Унија, интересот кај македонските граѓани останува навистина голем. Туристичките работници велат дека најголем дел од термините за јули и август веќе се резервирани.

Што се однесува до процедурите за премин на границата, македонските туристи кои веќе се вратиле од Грција велат дека за влез во земјата чекале меѓу два и три часа поради биометриската контрола, додека при враќањето во Македонија, границата ја поминале за околу половина час бидејќи Грците не барале повторно сликање.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ