Доградбата на основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ влегува во завршна фаза. Со тоа, речиси илјада ученици наскоро ќе добијат нов, современ простор за учење.
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска -Трајкоска, по извршениот увид на градежните активности, констатираше дека работите на терен се одвиваат со предвидената динамика.
– Интензивно работиме на финализирање на овој значаен проект кој опфаќа изградба на нови 390 квадратни метри, односно по 130 квадрати на секој кат. Со ова проширување, трајно ги унапредуваме условите за следење на наставата за 953 ученици кои во моментов се дел од ова училиште – изјави Стаменкоска – Трајкоска.
Таа наведе дека градежните активности ќе завршат до крајот на учебната година.
– Овој капитален проект го реализираме преку договор со Министерството за образование и наука, како дел од проектите одобрени од Владата за реализација на капитални инвестиции низ општините. Ова е само еден од низата проекти преку кои континуирано го подигнуваме стандардот во нашите образовни институции. Инвестирањето во образованието е директна инвестиција во иднината – заклучи Стаменкоска – Трајкоска.












