четврток, октомври 29, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Пред пратениците 124 амандмани – за зголемување на минималецот, за студентски оброк...

Пред пратениците 124 амандмани – за зголемување на минималецот, за студентски оброк и за поддршка за земјоделците

150

За предложениот втор ребаланс на годинешниот буџет се поднесени 124 амандмани, за кои почна расправата во матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет. Додека владејачкото мнозинство го оценува ребалансот како приспособување кон променетите економски околности, опозицијата критикува дека корекциите укажуваат на слабости во планирањето и на намалување на средствата за дел од клучните расходи.

Со ребалансот, вкупните буџетски приходи се проектирани на 374,2 милијарди денари, што е за речиси 5,3 милијарди денари помалку од претходната проекција. Даночните приходи се намалуваат од 213,3 на 209,8 милијарди денари, а најголемата корекција е кај акцизите, каде што очекуваните приходи се намалени од 34,1 на 30,4 милијарди денари. Буџетскиот дефицит останува непроменет и изнесува 46,3 милијарди денари, односно 4,1 отсто од бруто-домашниот производ.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, образложи дека пониските проекции кај акцизите се последица на намалувањето на акцизите на бензинот и на дизелот. Според образложението на Владата, мерката има цел да го ублажи влијанието на повисоките цени на нафтените деривати врз граѓаните и врз компаниите.

Од владејачкото мнозинство посочуваат дека ребалансот не значи откажување од планираните приоритети, туку приспособување на буџетските проекции кон актуелните економски услови. Според нив, фактот што дефицитот останува на истото ниво покажува дека нема дополнително зголемување на планираниот буџетски јаз. Воедно, тврдат дека се задржуваат социјалните приоритети и поддршката за општините, како и реализацијата на инфраструктурните и на другите јавни инвестиции.

Опозицијата има поинакво толкување на предложените измени. Оттаму сметаат дека вториот ребаланс во период од само неколку месеци отвора прашања за реалноста на првичните буџетски проекции. Според нив, намалувањето на приходите и на капиталните расходи може да се одрази врз реализацијата на планираните инвестиции, а дел од финансиските обврски да бидат оставени за наредниот период.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека ребалансот е показател за проблеми во буџетското планирање и предупреди дека недостигаат околу 900 милиони евра во буџетот. Тој се осврна и на состојбата со пензискиот фонд, намалувањето на капиталните инвестиции и на растот на јавниот долг, оценувајќи дека овие прашања дополнително ја отвораат дебатата за одржливоста на јавните финансии.

Филипче најави дека СДСМ ќе поднесе амандмани насочени кон зголемување на минималната плата, поголема финансиска поддршка за младите, повисок студентски оброк и дополнителна помош за земјоделците. Со амандманите, опозицијата ќе бара предложените мерки да бидат вклучени во буџетските решенија.

Расправата за поднесените амандмани треба да ги соочи ставовите на власта и на опозицијата за приоритетите во трошењето на јавните средства, проекциите за приходите и за распределбата на буџетските расходи до крајот на годината.

ИЗДВОЕНИ