четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Нови фасади за основните училишта „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“, како и...

Нови фасади за основните училишта „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“, како и за музичкото „Панче Пешев“

305

Во моментов се реализираат два инфраструктурни зафати во образовни установи во Куманово и тие се во фокусот, како дел од пошироката стратегија за намалување на загадувањето и за подобрување на квалитетот на воздухот, во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“.

Станува збор за целосна реконструкција на фасадите на основните училишта „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“, како и реконструкција на фасадата и замена на прозорците во музичкото училиште „Панче Пешев“.

Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, истакна дека станува збор за проект вреден околу 340 илјади долари, кофинансиран од Општина Куманово со околу десет милиони денари сопствени средства, како и со дополнителни три милиони денари планирани за годинава, за противпожарни системи.

Според локалната власт, инвестицијата не е само градежен зафат туку и мерка за зголемување на енергетската ефикасност и за намалување на емисиите на штетни честички.

Амбасадорот на Кралството Шведска, Ола Сулстром, изјави дека прашањето за квалитетот на воздухот е глобален предизвик што бара јасна политичка волја и конкретни ресурси.

–  Ова е важно политичко прашање не само во оваа општина туку и во целиот свет. Потребно ни е стратешко, политичко водство, потребни се конкретни ресурси за да се намали загадувањето, за да се зголеми енергетската ефикасност, за да се намали здравствениот ризик  предизвикан од загадувањето на воздухот, бидејќи ова е многу важно за да имаме јасен пристап за подобар, почист воздух за идните генерации – рече амбасадорот Сулстром.

Постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, потенцираше дека проектот е пример за успешно партнерство.

– Најважното е да се намали загадувањето на воздухот, но не само надвор туку, исто така, и внатре, бидејќи децата поминуваат долго време внатре во училиштето и треба да дишат најдобар воздух, да се намалат здравствените ризици и во училиштето. Сакам да ја нагласам соработката со нашите двајца партнери, т.е. Шведска и Општина Куманово. Веќе дискутиравме и со градоначалникот и со амбасадорот дека има можности да се прошири и да се продолжи оваа соработка и во иднина – рече Григоријан.

Градоначалникот и амбасадорите претходно одржале состанок во Општината, каде што разговарале за нови заеднички иницијативи, особено во сегментот на заштита на животната средина. Локалната власт најавува продлабочување на партнерството со УНДП и со Кралството Шведска.

 

 

ИЗДВОЕНИ