Делчево се наоѓа во голем инфраструктурен замав. Во моментов, во општината паралелно се работи на 14 капитални проекти, кои треба да бидат завршени во следниот период, најави градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, при увидот на градежните активности заедно со премиерот, Христијан Мицкоски. Според Гоцевски, преку двата унгарски повика во Делчево се вложуваат околу 150 милиони денари, а паралелно се реализираат и други значајни проекти со поддршка од Владата и европски фондови.
– Работиме на повеќе фронтови. Делчево добива нов лик, се реконструираат улици, се градат нови содржини и се создаваат услови за подобар живот на граѓаните – истакна Гоцевски.

Меѓу проектите што беа посетени е реконструкцијата на улицата „Индустриска“, каде што се вложени преку 11 милиони денари. Претходно, на оваа локација беше изградена целосна фекална и атмосферска канализација вредна околу 10,5 милиони денари. Гоцевски посочи дека се работи и на улици во централното градско подрачје, што, според него, ќе придонесе за зголемување на вредноста на земјиштето и отворање нови можности за инвестиции.
Во населбата Старасани се привршува реконструкцијата на улицата „Видое Смилевски Бато“, проект вреден над 6,5 милиони денари. Средствата се обезбедени преку Министерството за транспорт и врски и Владата, преку вториот унгарски кредит.
– Ова е проект што граѓаните го чекаа со децении. За ден-два ќе биде завршен – рече градоначалникот.
Во центарот на Делчево се реализираат уште два големи проекти. Се гради кејот низводно на реката Брегалница, инвестиција вредна 42 милиони денари, а преку ИПА-програмата и соработка со Бугарија се реализира проект во вредност од над 320.000 евра. Во наредниот период ќе продолжи асфалтирањето на улици во централното градско подрачје, населбата Пролет, како и во селото Ѕвегово. До крајот на август треба да биде завршен и последниот, 14. проект финансиран преку унгарскиот кредит.

Градоначалникот се осврна и на финансиските проблеми со кои се соочува општината. Делчево сè уште има блокирана сметка, но, како што рече, долгот е значително намален.
– Имавме долг над 180 милиони денари, а сега е сведен на околу 35 милиони денари. Активно работиме на решавање на проблемите и очекувам со поддршка од Владата наскоро да најдеме конечно решение – изјави Гоцевски.
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Делчево е пример дека со работа и поддршка работите може да се движат напред.
– Работиме на околу 1.200 локации низ Македонија, а десетици проекти се реализираат и во Делчево. Состојбите не можат да се сменат преку ноќ, но важно е што се работи приоритетно – рече Мицкоски.
Тој најави дека очекува во овој мандат сметката на општината да биде одблокирана, со што Делчево ќе може полесно да функционира и да реализира нови проекти. Мицкоски информираше и дека е распишан повик за изработка на физибилити студија и проектно решение за патниот правец Кочани – Виница – Делчево, како важен чекор кон реализација на експресниот пат.
– За да стигнеме до изградба, мора да поминеме низ потребните процедури. Очекувам годинава да се заврши студијата, а следната година да почнеме со тендер за изведба – рече премиерот.
Според анализите, БДП во Пијанечко-малешевскиот Регион за една година пораснал за 7 отсто. Мицкоски оцени дека резултатите се последица на економските политики и најави дека Владата ќе продолжи со поддршка на општините и на локалниот развој.
– Работите не одат преку ноќ, но има напредок. Очекувам уште подобри резултати и добри вести за граѓаните од Малешевско-пијанечкиот Регион – порача Мицкоски.












