Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, им нареди на воените команданти да ги ажурираат своите листи на цели и да ја подобрат својата одбрана, со порака веднаш и ефикасно да одговорат на секоја закана.
За време на состанокот со врвните воени команданти, Хамнеи нагласи дека високото ниво на борбена готовност за силен одговор на противниците е еден од клучните предуслови за постигнување максимално одвраќање.
„Доколку непријателите повторно извршат воени или терористички напади, вооружените сили на Исламската Република и иранскиот народ ќе го одредат времето и условите за нивно прекинување“, рече Хамнеи, според иранската новинска агенција ИРНА.
Според него, ажурирањето на списокот на цели треба да овозможи разни материјални и нематеријални ресурси на Соединетите Американски Држави и Израел да бидат во дофат на иранските вооружени сили.
Хамнеи, исто така, укажа на потребата од зајакнување на воената разузнавачка инфраструктура, подобрување на одбранбените и безбедносните капацитети со примена на нови технологии, како и развој на домашните воени капацитети во областите на доктрината и тактиката.
Зборувајќи за регионалната ситуација, тој ја пофали, како што наведе, истрајноста на „фронтот на отпорот“ во различни земји, оценувајќи дека единството на неговите членови има стратешко значење за обликување на нов политички и безбедносен поредок во Западна Азија.
Тој изрази надеж дека таквата наредба ќе придонесе за поголема солидарност меѓу исламските народи и влади и ќе го отвори патот за создавање „нова исламска цивилизација“.
Пораките на Хамнеи доаѓаат во време на зголемени тензии меѓу Вашингтон и Техеран, со континуирани закани од САД за евентуално обновување на воените напади по изборите за Конгресот во САД, закажани за 3 ноември.












