Владата очекува ново намалување на цените на бензинот и дизелот од вторник, како резултат на движењата на светските берзи. Премиерот Христијан Мицкоски посочува дека мерките со намалени акцизи и ДДВ имаат финансиски ефект врз буџетот, но се насочени кон заштита на граѓаните. Според премиерот, приоритет останува одржувањето на ценовната стабилност и сигурното снабдување со горива

Премиерот Христијан Мицкоски очекува од следната недела да има ново намалување на цените на горивата во земјава, како и дополнително стабилизирање на инфлацијата. Тој порача дека Владата ќе продолжи со мерките насочени кон заштита на животниот стандард на граѓаните и одржување на ценовната стабилност.

Мицкоски посочи дека движењата на светските берзи и цената на суровата нафта влијаат врз формирањето на домашните цени, но изрази очекување дека следната корекција ќе биде надолна.

–  Очекувам веќе од вторник да имаме надолно нивелирање на цените на бензините и на дизелот – изјави премиерот, додавајќи дека Македонија и понатаму има едни од најниските цени на горивата во регионот.

Според него, одлуката на Владата да се откаже од дел од акцизите и данокот на додадена вредност имала значително влијание врз буџетот, но била донесена со цел да се ублажат последиците од ценовните притисоци и да се обезбеди стабилно снабдување на пазарот.

– Остануваме со таа политика и во периодот што следува. Очекувам повторно надолно нивелирање на цените – нагласи Мицкоски.

Премиерот истакна дека додека некои држави вовеле ограничувања за извозот на горива, Македонија се определила за поинаков пристап, дозволувајќи слободно функционирање на пазарот и снабдување без прекини.

Тој додаде дека Владата континуирано ја следи состојбата со енергетските пазари и инфлацијата, а решенијата, како што посочи, ќе се бараат постепено и во согласност со економските предизвици.

ИЗДВОЕНИ