– Продукцијата на „Јон Вардар“ беше една своевидна маратонска епопеја. Од првата верзија на сценариото до конечниот резултат поминаа десет години. На филмот работеа околу 150 уметници од осум земји. Успеавме да создадеме уникатно анимирано дело што проби многу бариери и предрасуди. Успешната реализација на еден долгометражен анимиран филм е нешто што сè уште е вистинска реткост не само на Балканот туку и на светско ниво. Денес често ме канат на разни фестивали и семинари да зборувам за стекнатото искуство по изработката на овој филм – вели за роденденскиот број на весникот ВЕЧЕР Гоце Цветановски, режисерот и сценарист на првиот македонски долгометражен анимиран филм, „Јон Вардар против галаксијата“,
Гоце Цветановски ќе биде запишан во македонската филмска историја како автор на првиот македонски долгометражен анимиран филм, „Јон Вардар против галаксијата“, кој со својата приказна, интересно нацртаните ликови и со колоритноста ги освои срцата на домашната публика, но и светските жанровски фестивали. Македонскиот наградуван режисер, сценарист и продуцент, со немирен и креативен дух и, како што вели, постојано во потрага по разновидност, потпишува повеќе краткометражни филмови, меѓу кои „Мал дисконтинуитет во времепросторот“, „Човекот кој не беше таму“, потоа кратките анимирани „Вистинската приказна за Хансел и Гретел“, „Човекот кој не сакаше да умре“, документарецот „Детето во светот“, долгометражниот игран филм „Бизнисот на задоволството“, а режисер е и на повеќе епизоди од детската анимирана серија „Светот на Биби“. Има режирано и музички видеа за Ед Ширан и за бендот „Фејт ноу мор“, со што е првиот македонски автор споменат во списанието „Ролинг стоун“. Тој 17 години живееше во Париз, каде што студираше филмска режија, а во 2015 година се врати во Македонија и работи како креативен директор во студиото „Линкс анимејшн студиос“. По две години од премиерата на „Јон Варадар“, разговараме со него за тоа што значи да се реализира долгометражен анимиран филм во Македонија, за успехот на остварувањето, но и за состојбите со анимираната продукција во нашата земја.
„Јон Вардар против галаксијата“ за две години учествуваше на бројни жанровски филмски фестивали, а доби и повеќе награди. Со која статистика ќе влезе филмот во македонската филмска историја?
Уште од светската премиера на „Ситџес“, кој важи за најголем филмски фестивал посветен на фантастиката и на жанровскиот филм, „Јон Вардар“ разбуди огромен интерес кај фестивалите и кај нивната публика. Статистички, досега имаме 48 фестивалски настапи, 10 награди, три земји со кинодистрибуција и уште во најава. Освоивме барем по една награда на секој населен континент: Колумбија, Уругвај, Еквадор, Кина, Америка, Италија, Романија, Австралија, Египет, Индија. Од фестивалите, важно е да се нагласи дека филмот беше прикажан на еден фестивал од А- категорија (филмскиот фестивал во Москва) и на четиири фестивали од Б-категорија (Ситџес во Шпанија, БАФИЦИ во Аргентина и Саун Пауло во Бразил и филмскиот фестивал во Софија). Во однос на македонската филмска историја, се работи за првиот македонски долгометражен анимиран филм и исклучително сум горд на тој подвиг. Заедно со група ентузијасти и сонувачи, успеавме да создадеме уникатно анимирано дело што проби многу бариери и предрасуди во националната кинематографија.

Што добивте како искуство од фестивалите на кои присуствувате, како и при контактите со професионалците од сферата на анимираниот филм? „Јон Вардар“ е работен како семеен филм, наменет и за деца и за возрасни или?…
Кога ја почнавме продукцијата, искрено, не размислував премногу за целните групи и за пазарните категории во кои ги дели индустријата анимираните филмови. Едноставно тргнав да правам приказна што би сакал да ја гледам ако би можел магично да се вратам во моето детство. Ми беше многу забавно да си замислам еден малку смотан лик што патува низ вселената и има авантури со роботи и со вонземјани. Според мене, и децата и возрасните би можеле да најдат нешто интересно, забавно и смешно во овој филм, а според искуството, најдобра публика за „Јон Вардар“ се децата на возраст од 9+ и возрасните 30+. Мило ми е што прошета филмот низ толку многу земји и насекаде по светов имаше насмеани лица по проекциите. Најубави моменти ми беа средбите и разговорите со публиката. Додека возрасните обично прашуваат слични работи, децата секогаш знаат да изненадат и насмеат. По домашната премиера, секогаш се радував кога ќе ми кажеа родителите дека разговарале децата за филмот долги денови по гледањето и дека често цитирале смешки и шеги од филмот или, пак, имитирале некои од ситуациите.
Во однос на професионалното растење, секако дека и тука имаше голем напредок. Успешната реализација на еден долгометражен анимиран филм е нешто што сè уште е вистинска реткост не само на Балканот туку и на светско ниво. Денес често ме канат на разни фестивали и семинари да зборувам за стекнатото искуство по изработката на овој филм, а често имам можност и да бидам дел од жири-комисии на филмски фестивали.

Што претставуваше реализацијата на филмот во време, финансии, личен и професионален ангажман? Колку вкупно луѓе работеа до неговата целосна изработка во 2024 година?
Продукцијата на „Јон Вардар“ беше една своевидна маратонска епопеја. Од првата верзија на сценариото до конечниот резултат поминаа десет години. Околу три години ни беа потребни да ја затвориме финансиската конструкција. Со копродуцентите „Инвиктус“ и „Чејс а Клауд“ од Бугарија, унгарските „Уматик“ и „Хунгаријан филмлаб“ и Милјана Драгичевиќ од Хрватска, „Јон Вардар против галаксијата“ е истовремено и најголемата балканска анимациска копродукција со буџет од околу 1,1 милион евра. На почетокот тоа изгледаше како огромен буџет, но кога видовме колку време и колку голема екипа се потребни за да се изработи амбициозно анимирано дело, сфативме дека, всушност, работиме со минимум средства, а со максимум љубов и капацитет. На филмот работеа околу 150 уметници од осум земји. Во меѓувреме се случи и ковидот и сè поскапи, па на крајот имавме проблеми и со последната исплата од Агенцијата за филм. Успеавме да ја финализираме постпродукцијата на филмот со помош на фондацијата „Анимонд“ од Србија и со „МДВ Студио“ од Романија. Ја користам можноста и да им се заблагодарам на продуцентот Алан Кастиљо и на целата екипа, кои останаа докрај со мене во оваа авантура. Морам да кажам и дека имавме намерни опструкции од некои индивидуи што беа на раководни позиции. Но, на крајот опструкциите се забораваат, а делата остануваат.
Две работи што се случија во текот на продукцијата се важни не само за мене туку и на национално ниво, за сите нас. Едната е дека во текот на работата на филмот, обучивме голем број аниматори и илустратори, така што сега има една критична маса на артисти што може да се пофалат дека се професионалци во анимациската индустрија. Другата важна работа е дека во тој период, преку арт- директорот на филмот, Михајло Димитриевски-Тхе Мичо, ме контактираа од порталот деца.мк. Требаше да се изработи едно анимирано видео за македонската азбука. Проектот многу ми се допадна, собравме екипа и го реализиравме за многу мал буџет. Видеото имаше неверојатен одѕив и од децата и од родителите. Веројатно досега погодивте, се работи за „Азбуката на Биби“. Другото е историја.

И криминалистичкиот трилер од 2023 година, „Бизнисот на задоволството“, исто така се закити со повеќе награди. Која е разликата при креирањето анимиран наспроти игран долгометражен филм?
Освен заедничката основа на раскажувањето приказни преку подвижни слики, процесот на работа е неизмерно различен. Снимањето игран филм е како инјекција со чист адреналин. Има свој сопствен шарм, кој не може да се репродуцира во студио. Секој ден се судирате со логистички проблеми на теренот од секаков вид и секоја секунда е важна, бидејќи снимањето е исклучително скапа ставка. Многу понепредвидливо е отколку работата во студио, каде што најчесто се повторуваат проблемите и се поврзани повеќе со техничките процеси и со организацијата на работата. Од друга страна, анимацијата може да креира светови што многу тешко или многу скапо би се реализирале во играна форма. И двата начини на работа ми се мили, планирам да останам активен и да истражувам уште повеќе.
Како ја оценувате македонската анимирана продукција? Последниве години, таа бележи напредок, се појавија анимирани серии, кратки филмови, музички видеа, како и серии за деца. Кога и дали може да се очекува ново долгометражно остварување?
Денес сме сведоци на една мошне разновидна и динамична анимациска сцена. Имаме автори во сите анимациски стилови и техники, имаме голем број исклучително успешни фестивалски кратки анимирани филмови, а и комерцијалната анимација зема сè поголем замав. „Светот на Биби“ прерасна во најголем македонски детски бренд и е дистрибуиран во уште девет земји. Среќен сум што сум дел од тимот што е одговорен за милиони детски насмевки.
Во однос на ново долгометражно остварување, не би можел да прогнозирам, но сигурно е дека капацитетот е тука. Доколку некој друг не се нафати и запне да го направи вториот македонски долгометражен анимиран филм за брзо време, ќе морам повторно да бидам јас тој што ќе го направи тоа.

Што мислите, што е потребно во Македонија, освен, се разбира, финансиски средства, за зголемување на продукцијата на анимирани филмови? Дали се потребни професионален кадар, едукација или повеќе студија за анимација?
Треба едукација и за професионалците и за публиката. Имаме солидни школи за одредени сегменти, особено во 3Д-техники, како моделирање и текстурирање, а самата анимација, како вештина, е најблиску до глумата и до цртањето. Убава новост е дека расте бројот на студија, аматери и на професионалци и денес полесно се доаѓа до знаење од претходно. Според мене, вистинските вљубеници во оваа уметност секогаш ќе се снајдат за да ја најдат својата екипа, без разлика дали добиле формално образование во областа или не.
Во наплив и достапност на странски анимирани квалитетни филмови и серии, а наспроти долгорочната и скапа продукција, дали им се „исплати“ на авторите и на студијата во Македонија да креираат и да продуцираат сопствена продукција?
Кога се работи нешто со пасија, со вистинска љубов, тогаш задоволството да се креира нешто оригинално е исплатливо само по себе. Имаме квалитет за да стоиме рамо до рамо со најголемите светски продукции и доколку имаме соодветна поддршка, гарантирам дека наредните дела ќе бидат уште подобри и посветски. „Јон Вардар“ е само почетокот и се надевам дека ќе биде мотивација за наредните автори во анимацијата и во научната фантастика. Ако гледаме чисто материјално, јас продадов стан за да го завршам филмот и зедов кредит за кој ќе ми бидат потребни години за да го исплатам. Но, од друга страна, ако не беше „Јон Вардар“, најверојатно, немаше да постои сега ни Биби, барем не во ваква ултрапопуларна форма како што е сега. Мислам дека нема дете во Македонија што не ги знае Биби и Боби и многу деца научија да читаат, пишуваат, да ги сакаат природата и животните, да ги почитуваат повозрасните и слично токму преку овие ликови. Во процесот добив голем број нови пријатели, секој ден ми беше радосен, дури и кога беше најтешко и, најважно од сè, ја запознав сопругата преку мојата работа. Имаше разбирање и се согласи прво да завршам со продукција на филмот, па дури потоа да влеземе во брак. Во моментов чекаме ќеркичка. Па вие проценете… (се смее).

Спотот за песната „Cone of Shame“ на американскиот рок- бенд „Фејт ноу мор“ беше снимен во Македонија и покрај бендот, учествуваа и македонски актери, музичари како Митко Апостоловски, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Муса Исуфи, Тони Крстевски-Крле, Бојан Антиќ. Какви се чувството и искуството да се работи за ваков светски бенд?
Тоа беше остварување на еден сон. Кога бев средношколец, бев голем обожавател на бендот. Во една пригода му кажав на мојот другар Клаус дека „кога ќе пораснам, ќе снимам спот за нив“. И ете, дваесетина години подоцна, тој сон се оствари. Беше резултат на една случајна средба со басистот Бил Гулд во Скопје, а потоа и во Париз. Поминаа речиси шест месеци додека не дојдовме до конечното сценарио со кое се согласија сите членови на бендот. За анегдоти од снимањето, има материјал за уште едно интервју… За мене беше најважно што голем дел од актерите во спотот подоцна соработуваа и на мојот дебитантски долгометражен игран филм, „Бизнисот на задоволството“ и, освен редовни соработници, станавме и големи пријатели. Кога излезе спотот, имаше голем медиумски одек и написи во „Ролинг стоун“, „Метал хамер“ и во други музички списанија низ целиот свет.
Колку ви помогна животот во Париз за профилирање на Вашата естетика?
На годините поминати во Париз секогаш се сеќавам со голема носталгија и со топлина. Животот во овој космополитски град ми ги отвори видиците кон светот. Се запознав со луѓе од сите култури и цивилизации, првпат влегов во контакт со авторски филмови од Европа и од Азија, така што со сигурност можам да кажам дека имаше големо влијание врз мене. Од самите студии, најмногу ми помогна медијатеката на факултетот во која изгледав најмалку илјада филма. Би им препорачал на сите млади луѓе да поминат барем една година од животот надвор од државата. Дали во студирање или со работа, не е важно, но тврдам дека тоа би им отворило нови мисловни хоризонти за да ги надминат локалните трауми и предрасуди.

Ќе може ли да откриете за читателите на весникот ВЕЧЕР што подготвувате во овој период?
Секогаш сум помеѓу неколку проекти во различна фаза на реализација. Едноставно, јас сум таков, немирен, креативен дух, ми треба разновидност во она што го работам. Моментално, со екипата на „Светот на Биби“, го завршуваме новиот анимиран проект – „Тутстарс“ или „Забовили“, за кој наскоро ќе можеме да објавиме повеќе информации. Подготвувам и нов игран филм, кој, според сегашните планови, би се снимал во 2028 година, со меѓународна екипа во Македонија. Исто така, како сценарист, развивам една крими-серија и завршив хорор-сценарио што би требало да се снима идната година, во Мексико. Така што нови проекти и нови материјали има, па се надевам дека ќе го продолжиме разговорот наскоро, по некоја од следните премиери.
Наташа Илиевска-Таневски, Фото: Ѕ. Плавевски












