среда, ноември 11, 2026
Дома КУЛТУРА „ПРИЛЕПени на срце“, книга есеи од Габриела Стојаноска

„ПРИЛЕПени на срце“, книга есеи од Габриела Стојаноска

0

Деновиве од печат излезе „ПРИЛЕПени на срце“ – збирка книжевни читања на дела од автори со потекло од Прилеп и од прилепскиот крај од Габриела Стојаноска.

Книгата содржи есеј-анализа, есеј-писмо, есеј-расказ, есеј-студија, есеј-песна, есеј-препорака, есеј-осврт, есеј-куса-куса рецензија, есеј-промотивно слово, есеј-театарска критика, есеј-метакритика и други облици на книжевна срцеврска со делата на Марко Цепенков, Евгенија Шуплинова, Блаже Конески, Љубица Трајкоска, Благоја Ристески-Платнар, Трајче Крстески, Антонио Митриќески, Петар Петрески, Сузана Ѓорѓиевска, Билјана Тинтоска, Тони Павлески, Цеца Видова-Трајческа, Цветанка Колева, Ана Стојаноска, Звонко Димоски, Љупчо Петрески, Оливера Андоноска, Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, Ивана Димитриоска, Нина Насеска.

Книга што длаби, лупи и забележува

Во својот поговор-препорака писателката Сузана Ѓорѓиевска, оценувајќи дека во секое пишано дело на Стојаноска се крие борбата на авторката да ја излупи до соголување својата вистина, да ја открие со средствата на прикажување, та да ги заскокотка и другите да ја откријат, ќе рече дека книгата есеи „ПРИЛЕПени на срце“, книга есеи е такво дело, дело кое длаби, лупи, рони, дроби и забележува.

„Наше е да посегнеме, да ја земеме в раце за да им ја сетиме тежината на Евгенија Шуплинова, на Блаже Конески, на Платнар, на Трајче Крстески, на Петар Петрески, на Тони Павлески, на Љупчо Петрески, на Оливера Андоноска, на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, на Ивана Димитриоска.. Наше е да застанеме лице в лице со „Грешница“, со „Одземање на силата“, со „Лепа Ангелина“, со „Арлекин“, лице в лице со „птиците“ на Петар Петрески, со катинарот на Тони Павлески, со безимената страдалничка на Љупчо Петрески, со Океанот на Андоноска, со Саатот на Митоска-Ѓорѓиевска, со Орлово на Ивана Димитриоска… Наше е да ја усвоиме вистината, вистината на ова перо кое умее да ја впие и најмалата капка од мастилницата на поетската, раскажувачката, дијалошката, есеистичката реч на една грска прилепски автори и да ја престори во благодатни водје. Наше е да ја вкусиме песната зготвена во кујната Блажеконеска, а издробена на залчиња и сервирана на подавалник со умешните раце на Стојаноска; наше е да нацрпиме од фантастиката која си игра фантастика („Во библиотеката“, П. Петрески) со голема лажица додека слово по слово капе за да замрзне тоа што капе фантастично и фантастично замрзнува за идни поколенија; наше е да му симнеме капа на критичарот – вистински уметник кој нѐ носи достатно блиску до тешкото во „Премногу далеку“ (Т. Павлески) за да нѐ здоболи, небаре наша, достагата на оставеното перо, на незавршената тажна песна како што боли тишината по последната издишка; наше е да го спознаеме нашето како што треба да се спознае, исцрпно и коренито, не оти е наше, туку оти е траење; наше е, наше е да ја имаме „ПРИЛЕПени на срце“ на срце прилепена, препорачува таа.

Срцето не води конечен список

А самата Стојаноска, во својот поговор на „Прилепени на срце“ вели: „Ова се само дел од моите ПРИЛЕПени на срце, оние за кои досега сум пишувала. Има и други што не се најдоа меѓу овие корици, но, ако почнам да ги набројувам нивните имиња и дела, се плашам дека ненамерно повторно ќе испуштам некого. Некого што исто така ми е прилепен на срце. Можеби затоа што срцето не води точна евиденција и не знае да направи конечен список на оние што ги носи во себе.“ Есејот е книжевен простор во кој мислата не мора да цупка по однапред обележана врвица. Може да тргне од едно прочитано дело, да навлезе, море и длабоко да загази, во личен спомен, да се задржи временеобѕирно врз некој збор, да се разграни, расчатали, распупи во пролетородна размисла, да се претвори во приказна (Уау! – Аха, аха!), во писмо, песна… Можеби, токму во таа чудесна слобода и во отвореното, неприкриено, но не помалку заводливо прилепување кон другите жанрови, во можноста да ги преминува границите танцувајќи, се крие неговата магична привлечност. Есејот, впрочем, не е само пишување за нешто туку и начин на приближување кон нештото, присно прилепување, здушување (во најубавата смисла на зборот) како обид не само да му се погалат мислата и смислата туку и да му се распламти душата прегрната од својата душа, повлечена во жар-аголот на прегратката, таму каде што разговорите течат најлесно.

За авторката

Габриела Стојаноска (Прилеп, 1978) дипломира и магистрира на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје. Работи како наставничка по македонски јазик во основното образование. Повеќе години беше уредник на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“.

Добитничка е на повеќе книжевни награди, меѓу кои: прва награда на конкурсот за краток расказ на „Студентски збор“, две први награди на двата конкурса за кус расказ на интернет-порталот „Окно“, откупна награда на конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“ и трета награда на конкурсот за краток расказ на Фондот на холокаустот на Евреите на Македонија.Во 2020 година ја доби наградата „Македонска книжевна авангарда“ за збирката раскази „Приказни за краткоста“, а има добиено и награди за раскази и песни на конкурсите на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ – Гостивар, „Мариовско-мегленски средби“, „Маџирмаалски поетски бранувања“, на конкурсите за краток расказ на Организацијата на жените – Битола и НУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола и други.

Застапена е со раскази во повеќе антологии, меѓу кои „Contemporary Short Story“, „BEST of Sarajevo Notebooks II“, „Сто македонски раскази“, „Електролит 2007“, „Приче за понети“, „Најкраће приче 2008“, „Летаат приказни“ (2019) и „Џинџуџе во земјата на афионите“ (2022).

Има објавувано поезија, проза, есеи и рецензии во повеќе книжевни печатени и интернет-списанија, меѓу кои „Стремеж“, „Наше писмо“, „Корени“, „Сарајевске свеске“, „Лоза“, „Библиосвет“, „Електролит“, „Ние“, „Македонија Презент“, „Современост“, „Книжевни елементи“, „Блесок“, „Sinhro.rs“, „Раст“, „Современи дијалози“ и други.

ИЗДВОЕНИ