вторник, јуни 16, 2026
Дома СКОПСКА Во Општина Аеродром се реконструираат 19 улици

Во Општина Аеродром се реконструираат 19 улици

727

На територијата на Општина Аеродром, во наредниот период ќе бидат реконструирани вкупно 19 улици.

Реконструкцијата на две веќе е започната, а денеска, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот Дејан Митески, беше означен почетокот на обновата на улицата „Симеон Кавракиров“.

Митески информираше дека целокупниот проект опфаќа улици и пешачки површини во вкупна должина од 5,4 километри.

– Се работи за значаен проект, кој се реализира благодарение на поддршката од Владата. „Симеон Кавракиров“ е третата улица од овој проект, две улици веќе се реконструираат, а до крајот на летото ќе бидат завршени сите 19 – истакна Митески.

Премиерот Мицкоски нагласи дека овие градежни активности се додадена вредност за Аеродром, бидејќи, како што рече, со подобрувањето на инфраструктурата, се подобрува и квалитетот на живот на граѓаните.

– Очекуваме оваа година сето она што беше почнато со првиот и вториот повик, преку Министерството за локална самоуправа, да биде завршено, а следната година да имаме одреден буџет за да објавиме нов повик и за да се реализираат нови проекти во општините – заклучи Мицкоски.

Прашан зошто сè уште не е урната натстрешницата на кафеаната „Прокадеро“ во населбата Острово, иако требало да се случи тоа пред девет месеци, градоначалникот Митески одговори дека е во тек постапката по жалба и не би сакал да избрзува и да доведе до тоа ако се поништи решението од второстепен орган, Општина Аеродром да плаќа штета и повторно да се поведува постапка.

Што се однесува на жалбите од граѓаните за бучавата од кафеаните и локалите, Митески истакна дека тие биле во поголем број пред новогодишните празници.

– Инспекциските служби излегоа на терен, тогаш беа затворени два угостителски објекти и беа изречени повеќе од седум глоби на угостителски објекти што го надминале дозволениот праг на бучава. Во изминативе неколку месеци, нема поплаки за бучава, а инспекциските служби вршат редовни контроли – тврди Митески.

(А. П.)  

ИЗДВОЕНИ