Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, поднесе предлог-одлука до Советот на Град Скопје нуркачот и предводник на истражувачката експедиција од Република Полска за истражување на подводната пештера Врело во кањонот Матка, Бартломиеј Питала, да биде прогласен за почесен граѓанин на Скопје. Советниците треба да дадат зелено светло за оваа одлука на наредната седница што е закажана за в четврток.
– Неговиот подвиг со меѓународен тим спелеонуркачи и со поддршка од спелеонуркачкиот клуб „Врело“ го запиша името на Скопје во едно од најзначајните поглавја на светската историја на подводните истражувања – се наведува во образложението на предлог-одлуката и се нагласува дека тој подвиг само ги потврдува мистичноста и уникатноста на неистражената подводна пештера, ги унапредува сознанијата за подводниот свет на пештерата Врело, но и предизвикува меѓународен интерес за нови можности за понатамошни научни, спелеолошки и истражувачки активности

Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, поднесе предлог- одлука до Советот на Град Скопје нуркачот и предводник на истражувачката експедиција од Република Полска за истражување на подводната пештера Врело во кањонот Матка, Бартломиеј Питала, да биде прогласен за почесен граѓанин на Скопје. Советниците треба да дадат зелено светло за оваа одлука на наредната седница што е закажана за в четврток.
Прогласувањето на Питала за почесен граѓанин на Скопје, според образложението во предлог-одлуката, е за неговиот исклучителен придонес во истражувањето, афирмацијата и во меѓународната промоција на природното богатство на Град Скопје и неговата околина, со особен осврт на подводната пештера Врело во кањонот Матка.
– Бартломиеј Питала даде историско значаен придонес во истражувањето на подводниот свет на подводната пештера Врело, неистражена до нејзиното дно, инаку, една од најзначајните природни реткости, заштитено подрачје, споменик на природата во непосредна околина на Скопје. Неговиот подвиг со меѓународен тим спелеонуркачи и со поддршка од спелеонуркачкиот клуб „Врело“ го запиша името на Скопје во едно од најзначајните поглавја на светската историја на подводните истражувања. На 17 октомври 2026 година, во рамките на истражувачката експедиција во подводната пештера Врело, господинот Бартломиеј Питала достигна истражена длабочина од 338 метри. Овој резултат претставува нов светски рекорд и значајно достигнување во истражувачкото нуркање, со што дополнително се потврдува потенцијалот на подводната пештера Врело, споменик на природата од особен интерес за меѓународната спелеонуркачка заедница – се наведува во образложението на оваа предлог-одлука.
Понатаму, се додава дека, како предводник на тимот нуркачи – четиричлена експедиција од Полска и експедиција од Италија и од Македонија, е првиот и единствен нуркач што ја освоил оваа длабочина, со што само се потврдуваат мистичноста и уникатноста на неистражената подводна пештера, ги унапредува сознанијата за подводниот свет на пештерата Врело, но и предизвикува меѓународен интерес за нови можности за понатамошни научни, спелеолошки и истражувачки активности.
– Постојат подвизи што ги надминуваат границите на спортот, науката и на човечката издржливост. Истражувачките активности од ваков вид бараат високо ниво на стручност, физичка и ментална подготвеност и почитување на безбедносните протоколи. Постигнатиот резултат ја нагласува посветеноста на истражувањето на природната реткост, чии карактеристики се нецелосно познати и неистражени. Значењето на овој подвиг не се темели само на достигнатата длабочина туку и на отворените можности и на продлабочувањето на хидролошките и на другите карактеристики на пештерата пред меѓународната јавност – потенцираат од Град Скопје.
Притоа, нагласуваат дека овој подвиг има особено интердисциплинарно значење за Град Скопје, бидејќи придонесува за поголема видливост како за туристите од целиот свет така и за спелеонуркачите, но и за диверзификација на туристичката понуда со препознавање на Скопје на мапата на дестинации со неоткриен капацитет, непроценливо богатство, како природен локалитет со исклучителна вредност, кои заслужуваат особено внимание, соодветна заштита и континуирана промоција.
Матка меѓу туристичката промоција и уништувањето на природната реткост
Во саботата, Град Скопје организираше бесплатно разгледување на Матка и на пештерата Врело, инспириран од историскиот подвиг на полскиот нуркач. Голем број граѓани ја искористија оваа можност и беа одушевени. Но, ваквиот потег наиде на остра реакција од страна на македонскиот биолог, еколог, ентомолог и едукатор за заштита на животната средина, Кирил Арсовски-Пржо.
На социјалните мрежи, тој пишува дека кањонот Матка е заштитено подрачје и според сите научни податоци, едно од највредните природни подрачја во регионот, дом на бројни ретки, загрозени, ендемични и реликтни видови, но дека со години е оставен на немилост на, како што ги нарекува, локалните криминалци, кои нелегално го узурпираат, нагрдуваат и уништуваат целиот предел. Потсетува дека Матка цели 10 години чекала нов закон за повторно прогласување на заштитата, со цел, конечно, да се зачува овој дел од националното природно наследство. Воедно, потенцира дека според студијата за Матка, според која е донесен и законот, строго е забранета пловидба со моторни чамци.
– Пештерата до која водат овие тури е под приватна и нелегална узурпација. Значи, криминал. Градоначалникот и Град Скопје сами себе си фрлија камен на глава, лижеа каде што плукнаа. Со години се води борба, битка да се зачува Матка, а со ваквиот однос локалната власт само покажа неписменост и несмасност. Матка е меѓу најпосетуваните места во Скопје и во Македонија. Одете на Матка, видете на што личи тој пораз – реагира Арсовски-Пржо.
Тој смета дека најголемата опасност за Матка доаѓа од: комерцијалните, туристички и рекреативни активности преку несоодветно отстранување на отпадот, непостоење на третман на отпадните води, градење инфраструктура за масовен туризам, користење чамци на моторен погон и дивоградби во заштитената зона.
(А.П.)












