Државната компанија ЕСМ најавува силен инвестициски циклус насочен кон трансформација на домашниот енергетски сектор, со јасна цел – постепено намалување на зависноста од струјата произведена од јаглен и обезбедување стабилна базна енергија во иднина. Плановите опфаќаат изградба на нови гасни електрани, развој на обновливи извори и реализација на капитални проекти, но паралелно се отвора и прашањето дали земјава е подготвена за ваков енергетски пресврт.
Првиот човек на ЕСМ, Лазо Узунчев, во телевизиско гостување истакна дека компанијата веќе е во „голема инвестициска офанзива“, која треба да резултира со нови производствени капацитети што ќе ја гарантираат енергетската стабилност. Клучен дел од стратегијата е изградбата на гасни електрани во Битола и Неготино, со вкупен капацитет што би можел да достигне и до 700 мегавати. Имено, електраната во Битола ќе има моќност од 250 до 300 мегавати и ќе функционира како комбинирана постројка што ќе произведува и електрична и топлинска енергија, со што ќе се покриваат потребите за централно греење во градот. Истовремено, ТЕЦ Неготино е планирано да се трансформира од постројка на мазут во современа гасна електрана со капацитет меѓу 350 и 450 мегавати.
Узунчев посочува дека овие два проекта ќе обезбедат доволно базна енергија за државата, но додава дека нивната реализација бара време, финансии и сериозна подготовка.
– Во меѓувреме ќе биде неопходно да се продолжи рокот за работа на постојните термоелектрани на јаглен, предвидени за затворање до 2030 година. Додека не се изградат новите капацитети, РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј мора да останат во функција – вели Узунчев, додавајќи дека тие ќе се одржуваат и по потреба ќе се користат како ладна резерва, по примерот на некои европски земји.
Покрај гасните централи, ЕСМ работи и на зголемување на производството од обновливи извори. Во тек е втората фаза од ветерниот парк во Богданци, со дополнителни 13,6 мегавати, а веќе се планира и трета фаза од уште 50 мегавати. Паралелно, се подготвува изградба на фотонапонски електрани во Битола и Кичево, кои треба да бидат пуштени во употреба до крајот на 2027 година.
Како еден од клучните долгорочни проекти се посочува и „Чебрен и Галиште“, за кој, според Узунчев, веќе се водат напредни разговори и се очекува наскоро да се знае моделот на реализација. Овој хидроенергетски проект се смета за стратешки, бидејќи може да обезбеди стабилно производство на електрична енергија за идните генерации.
Сепак, додека се најавуваат инвестиции, политичката дебата околу состојбата во ЕСМ се засилува. Опозицискиот СДСМ обвинува дека компанијата работи со загуби и намерно произведува помалку струја за да се увезува поскапа електрична енергија. Од партијата тврдат дека станува збор за, како што велат, „бизнис-мрежа“ преку која се извлекуваат средства на штета на граѓаните. Повод за реакциите е податокот дека ЕСМ ја завршила 2025 година со загуба од 108 милиони евра и дека производството било под планираното ниво. СДСМ бара одговорност и транспарентност за управувањето со државната енергетска компанија.
Од друга страна, владејачката ВМРО-ДПМНЕ возвраќа дека загубите се резултат на, како што велат, долгогодишно лошо управување од претходната власт. Според нив, состојбата во енергетскиот сектор не може да се стабилизира преку ноќ, особено по, како што тврдат, „девастацијата“ на клучните производствени капацитети.
(С.Бл.)












