недела, септември 20, 2026
Дома LIFE Во монашкиот строј во МПЦ-ОА повеќе од 200 монаси и монахињи –...

Во монашкиот строј во МПЦ-ОА повеќе од 200 монаси и монахињи – НОВ ЖИВОТ ВО СТАРИТЕ МАНАСТИРСКИ ЅИДИНИ

1
Монасите и монахињите имаат активна духовна мисија меѓу народот во своите локални средини. Бигорскиот манастир со 33 монаси, како и сестирнстваат во манастирите во Рајчица и во кичевско со по 11 монахињи се едни од најбројните центри

 

Ги оставија своите досегашни имиња и како знак на новото духовно раѓање и на новиот почеток во Христа, ги примија монашките имиња: Стефан стана Теодосиј, Владимир – Харитон, Јован – Никифор. Ова се случуваше на минатонеделната празнична богослужба што се одржа во Бигорскиот манастир, кој истовремено го чествуваше големиот празник Отсекување на главата на свети Јован Крстител, посветен на големиот светител чие име го носи. Зад духовното име на новите монаси, пак, стојат и посебни мотиви.

– Тие имиња не беа случајно избрани. Теодосиј и Харитон го понесоа споменот на големите палестински отци и основачи на манастири – светите Теодосиј Велики и Харитон Исповедник – тие пустински светилници, преку кои некогаш се исполни Светата Земја со подвиг, молитва и со ангелоподобен монашки живот. И овде, во оваа света обител, некогаш имало монаси што ги носеле тие благословени имиња. Името Никифор, пак, го носи споменот на светиот константинополски патријарх Никифор, голем бранител на православната вера и силен молитвеник пред Бога, но и тоа име веќе еднаш било запишано во бигорската монашка памет. Три човечки животи Му беа принесени на Бога. Три нови светилки беа запалени пред иконата на Претечата – соопштија од Бигорскиот манастир.

А, со тоа значително се зголеми бројот на монасите, како во бигорското светилиште така и во редовите на целата Македонска православна црква – Охридска архиепископија. Во ова големо светилиште сега има дури 33 монаси, при што на замонашување чекаат уште тројца искушеници. А, голема е бројноста и на монахињите во блиските манастири: во манастирот „Свети Ѓорѓи“ во Рајчица во близина на Дебар и во „Пресвета Богородица – Пречиста“ во Кичевско има дури по 11 монахињи. Тоа значи дека само во овие три значајни светилишта има повеќе од педесетина монаси и монахињи,  што е, секако, значаен број.

Сето ова е резултат на трендот кој трае во рамките на МПЦ-ОА повеќе од три децении и со кој станува сè поголема бројноста на монасите и на монахињите, а што зборува и за растењето на самата Македонска црква. Според процените, сега во црковните редови, во разни манастири, има повеќе од 200 монаси и монахињи што имаат активна духовна мисија меѓу народот во своите локални средини. Тоа е бројот до кој се има стигнато откако во првата половина на последната деценија од минатиот век во редовите на нашата Црква почна да се случува еден од најважните духовни процеси. Односно, повторното заживување на монаштвото по неколкуте децении целосно згаснување предизвикано од атеистичкиот социјалистички систем во претходната заедничка југословенска држава.

Обновувањето, односно влегувањето на повеќе монаси и монахињи во црковните редови се врзува за дејноста на струмичкиот митрополит, Наум, по неговото стапување во редовите на МПЦ-ОА и престојот на Света Гора, во манастирот „Григоријат“. Тогаш се оформија монашки братства и сестринства, при што во 1995 година, во манастирот „Воведение на Пресвета Богородица“ во Вељуса се формира првото женско монашко сестринство, а набрзо потоа во манастирот „Свети Леонтиј“ во Водоча се формира и машкото братство.

Набрзо, Вељуса и Водоча станаа духовни расадници од каде што подоцна се раширија монаси и монахињи низ цела Македонија. Во таа година, сегашниот епископ, Партениј, дојде во Бигорскиот манастир, кој тогаш беше во руинирана состојба и без монаси, за потоа да почне да станува сè поголем и позначаен монашки центар, по што се формираа и сестринствата во светилиштата во Рајчица и во Кичевско. Сега, има монашки и сестрински заедници во речиси сите поголеми и позначајни духовни светилишта во земјава: во манастирот „Свети Гаврил Лесновски“ во Леново, „Свети Јоаким Осоговски“ кај Крива Паланка, „Свети Пантелејмон“, „Свети Димитрие“, „Успение на Пресвета Богородица“ во близина на Скопје, „Успение на Пресвета Богородица“ во Јанковец, „Свето преображение“ во Зрзе, „Свети архангел Михаил“ во Прилеп, „Свети Наум Охридски  Чудотворец“, манастирот во Слепче…

Сето ова покажува дека Македонската црква има создадено еден витален столб за своето постоење и духовната мисија меѓу народот, која беше тешка поради познатото оспорување на нашата црковна самостојност во периодот од 1967, па до 2022 година. Споредено со другите православни цркви, излегува дека МПЦ-ОА има солиден број монаси. Процената е дека во редовите на Српската православна црква има помеѓу 1.500 и 2.000 монаси, монахињи и искушеници, во редовите на Грчката православна црква околу 6.000 монаси и монахињи, а во Руската православна црква околу 16.000. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ