сабота, септември 19, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Обвинение за фалсификувани возачки дозволи: Вработена во МВР впишувала Ц и Д...

Обвинение за фалсификувани возачки дозволи: Вработена во МВР впишувала Ц и Д категории

23

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против шест лица за продолжено кривично дело „Фалсификување исправа“.

Меѓу обвинетите е и вработена во Министерството за внатрешни работи, ангажирана како помлад советник за патни исправи во Одделението за управни работи – Скопје. Според обвинението, таа во периодот од 3 септември 2020 до 24 август 2026 година, во повеќе наврати ги користела своите службени шифри за да преправа возачки дозволи и да внесува дополнителни категории.

Останатите петмина обвинети се возачи кои, иако знаеле дека немаат положено испити за Ц и Д категорија, во договор со вработената во МВР поднесувале барања за издавање возачки дозволи со дополнително впишани категории.

Како што соопшти Обвинителството, фалсификуваните дозволи потоа биле користени за аплицирање и добивање сертификати за професионална компетентност за возачи за меѓународен превоз на патници и стока. Со таквите документи обвинетите во повеќе наврати управувале автобуси и товарни возила во меѓународниот сообраќај.

За тројца од обвинетите, меѓу кои и вработената во МВР, обвинителот побарал продолжување на претходно определениот притвор. За останатите тројца, кои се недостапни за органите на прогонот, предложен е притвор по нивното пронаоѓање, а постапката против нив ќе продолжи во нивно отсуство.

Во истиот предмет продолжуваат дејствијата за обезбедување докази против уште 21 лице, осомничени како посредници или корисници на фалсификуваните возачки дозволи. Обвинителството продолжува да проверува и други можни злоупотреби поврзани со случајот.

ИЗДВОЕНИ