– Сите вечерва овде учествувате директно во градењето, чувањето и негувањето на оваа традиција, на овој фестивал на кој ткаеме љубов, ткаеме нешто убаво со кое сите сме горди. Ткаеме филмови и ткаеме уникатен фестивал. Никогаш нема да престанеме да ткаеме убави работи. Да живее нашиот „Браќа Манаки“! – рече директорот на фестивалот, Димитрија Доксевски, на свеченоста на отворањето на годинашното 47. издание на „Браќа Манаки“, кое се одржува под мотото „Ткајачи на филм“. Фестивалот, во Центарот за култура во Битола, го отвори македонската премиера на филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума, на кинематограферот Фредерик Ноиром
Со македонската премиера на филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума, на кинематограферот Фредерик Ноиром, синоќа, во Битола, беше отворено 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Свеченоста на отворањето, во Центарот за култура во Битола, почна со музички перформанс под диригентската палка на Џијан Емин и со настап на Битвокс (BitVox). Битола уште еднаш ги пречека врвните кинематографери и нивните исклучителни авторски дела.

– Пред повеќе од 100 години, кога првпат се појавила камерата, се родила и желбата да се снима животот. Сè со една цел: да се зачуваат спомените. Тоа до ден-денес нè тера да го снимаме она пред нас, нè тера на љубов, нè тера на споделување емоција… Сите вие вечерва овде учествувате директно во градењето, чувањето и негувањето на оваа традиција, на овој фестивал на кој ткаеме љубов, ткаеме нешто убаво со кое сите сме горди. Ткаеме филмови и ткаеме уникатен фестивал. Никогаш нема да престанеме да ткаеме убави работи. Да живее нашиот „Браќа Манаки“! – рече директорот на фестивалот, Димитрија Доксевски, на свеченоста на отворањето на „Браќа Манаки“, кој годинава се одржува под мотото „Ткајачи на филм“.

На свеченоста му беше доделена наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на актерот Петре Арсовски. На годинашниот лауреат му ја врачи Марија Димитрова, претседателка на Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ), кое и го доделува ова признание.
– Друштвото на филмските работници на Македонија останува да биде темел на македонскиот филм и дел од неговото создавање и промоција. Доказ за тоа е токму тоа што на ова отворање ќе се прикаже македонски филм, а, исто така, и на затворањето на фестивалот ќе се прикаже македонски филм, а режисерите на двата филма се членови на ДФРМ. Тоа што фестивалот „Браќа Манаки“ го носи кремот на филмската кинематографија овде, во Битола, ни овозможува нам, на филмските работници, непосредни средби и дружење со светските кинематографери – рече Димитрова, која им се заблагодари на Агенцијата за филм, на Општина Битола и на сите други што помагаат македонските филмови да станат реалност.
Лауреатот Арсовски, пак, истакна дека ова признание е од луѓето со кои повеќе од 50 години „војува“ пред филмската камера.
– Сме поминале заедно и сито и решето. Му благодарам на ДФРМ за наградата и им благодарам на сите што издржаа со мене 55 години да создаваме македонска кинематографија – рече Арсовски.

Американско-полскиот кинематографер Јануш Камински, добитник на „Златна камера 300“ за животно дело во 2020 година, годинава, шест години подоцна, допатува во Битола и ја поздрави публиката во салата на Центарот за култура.
– Оваа награда веќе стои кај мене дома заедно со другите награди што сум ги добил. Прекрасна рачна изработка, многу сум среќен и ви благодарам, прекрасни луѓе – рече Камински.
Директорот на фестивалот, Доксевски, му ја пренесе изјавата од Благоја Куновски-Доре, поранешен директор на ИФФК „Браќа Манаки“, кога ја доби Камински „Златната камера 300“ за животно дело, кој кажа дека денешното качување на сцената на Камински е заокружување на великаните на „Браќа Манаки“.

На американскиот кинематографер Џеф Кроненвет, годинашен добитник на специјалната „Златна камера 300“ за особен придонес во светската уметност, наградата му ја врачи градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
– Фестивалот „Браќа Манаки“ има посебно место во филмскиот свет, бидејќи ја слави работата на кинематограферите, на луѓето зад камерата. Тој ја претставува и работата на следната генерација кинематографери. Младите кинематографери имаат потреба од ваков фестивал, место каде што ќе може да креираат контакти, пријателства, размена на искуства… Кога бев млад, учев од моите постари колеги, гледајќи ги нивите филмови, се надевам дека сега јас возвраќам со тоа што им помагам на помладите колеги. Фестивалот „Браќа Манаки“ ја одржува оваа традиција жива и ги поврзува генерациите во време кога технологијата ги менува начините на работа – рече Кроненвет и се заблагодари за топлиот прием. Тој е познат по филмовите „Боречки клуб“ (Fight Club), „Социјална мрежа“ (The Social Network), „Исчезната“ (Gone Girl), „Девојката со тетоважа на змеј“ (The Girl with the Dragon Tattoo)…
Пред публиката се обрати и градоначалникот на Битола.
– Фестивалот „Браќа Манаки“ не е само културен настан на Битола со интернационален карактер. Тој е дел од нашиот идентитет, традицијата, наследството и живо сведоштво за првите сниматели на Балканот, кои со своите кадри почнаа да ја ткаат филмската историја на овие простори. Како градоначалник на Битола, а, пред сè, како битолчанец, особено сум горд што нашиот град е дом на фестивал што речиси пет децении гради културни мостови, поврзува филмски автори од различни меридијани и го носи името на Битола надвор од границите на нашата земја – рече Коњановски.

На свеченоста на отворањето на фестивалот му беше врачена „Златната камера 300“ за животно дело и на годинашниот добитник, данскиот кинематографер Дан Лаустсен.
– Во 1969 година ја купив првата камера, подоцна патував низ светот целиот мој живот и мислам дека оваа уметност што ја правиме снимајќи филмови е мошне респектабилна – рече Лаустсен.
Наградата на лауреатот му ја врачи претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
– „Браќа Манаки“ одамна не е само фестивал, тоа е културна институција со препознатлив меѓународен авторитет, докажен културен идентитет и долг духовен емоционален мост што ги поврзува македонската и балканската кинематографија со светската – истакна претседателката Сиљановска-Давкова, прогласувајќи го фестивалот за отворен.
Како покровител на ИФФК „Браќа Манаки“, таа посочи дека е горда што годинава има два македонски филма во официјалната конкуренција.
– Треба да сме горди што меѓу 12. филма во конкуренција се најдоа и два македонски, со кои се отвора и ќе се затвори 47. издание на ИФФК „Браќа Манаки“. Во овој чин јас препознавам признание и импулс за македонскиот филм. И на ова издание на ИФФК „Браќа Манаки“ ќе ја потврдиме посветеноста кон уметноста, културата и творештвото како возвишени облици на човечката духовна слобода – истакна, меѓу другото, претседателката Сиљановска-Давкова.

На свеченоста беше врачена и наградата на „Сумолајт“, која се доделува за тандем од кинематографер и негов гафер. Годинава добитници се Мајкл Снајмен и Михалаче Флорин.
– Ако ми кажеше некој дека некогаш ќе стојам на оваа сцена и дека ќе ја примам оваа награда, ќе му речев дека се шегува. Благодарам, „Браќа Манаки“, благодарам, „Сумолајт“, благодарам, Мајкл Снајмен! – рече Флорин, заблагодарувајќи се за признанието.
И Снајмен рече дека е благодарен и горд што стои вечерта заедно со Флорин на сцената и му се заблагодари на фестивалот „Браќа Манаки“ што го наградува ваквото партнерство.

Битолската и фестивалската публика имаа можност да го проследат филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“, кој ја раскажува приказната на сестрите од ромско семејство Адела и Зара, кои растат во средина во која економската неизвесност, семејните околности и општествените правила сè повеќе ги ограничуваат нивните избори. Преку нивната лична приказна, филмот отвора теми за женското растење, слободата, солидарноста и за правото на сопствен избор. Во главните улоги настапуваат Симонида Селимовиќ, Ефќар Абаз, Џефрина Јашари и Ганимет Абдула. Неодамна филмот ја освои наградата „Камингс“ во категоријата „Во духот на слободата“, на 43. Филмски фестивал во Ерусалим, а својата светска премиера ја имаше на фестивалот „Трајбека“ во Њујорк, каде што Дума ја освои престижната награда „Нора Ефрон“.

Во рамките на „Браќа Манаки“ ќе бидат прикажани 84 филма, а Битола ќе пречека 1.000 автори, професионалци и гости од целиот свет. Дебитантскиот долгометражен филм на Срѓан Јаниќијевиќ, „Нема да ви се верува што се случи претходно“, ќе го затвори фестивалот на 25 септември. (Н. И. Т.) Фото: Фестивал „Браќа Манаки“












