сабота, септември 19, 2026
Дома КУЛТУРА „На Струга дуќан да имам“ се слуша во Холивуд, во филм со...

„На Струга дуќан да имам“ се слуша во Холивуд, во филм со Метју Меконахи и Курт Расел/ВИДЕО

65

Македонската музика го најде своето место и во нова американска филмска продукција. Една од најпознатите македонски народни песни, „На Струга дуќан да имам“, се слуша во филмот „The Rivals of Amziah King“, во кој главните улоги ги толкуваат холивудските актери Метју Меконахи и Курт Расел.

Станува збор за американски неовестерн трилер во режија на Ендру Патерсон, кој од 14 август се прикажува во кината во САД. Краток исечок од сцената во која се слуша македонската песна беше објавен на Инстаграм од „Комикс.мк“.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by @comics.mk

Во филмот е искористена специфична верзија на песната, со аранжман на Етел Рејм. Ја изведува Женскиот вокален ансамбл „Китка“ од Оукленд, Калифорнија, заедно со Шира Камен и Питер Маунд. Ансамблот е посветен на источ­ноевропските женски вокални традиции.

Иако филмот во голема мера се потпира на американската блуграс и рутс-музика, режисерот Патерсон се определил за македонската традиционална песна поради нејзините специфични вокални хармонии и карактеристичниот неправилен 7/8 ритам.

Токму овој ритам, заедно со силните вокални линии, на песната ѝ дава препознатлив и динамичен карактер, а во филмот придонесува за создавање поинаква и впечатлива атмосфера.

„На Струга дуќан да имам“ е една од познатите македонски градски лирски песни, препознатлива по мотивите на љубовта, копнежот и исчекувањето. Најпозната е верзијата посветена на Струга, но низ годините песната добила и регионални варијанти во кои се споменуваат други македонски градови и чаршии, меѓу кои Велес и маалото Којник.

Нејзината препознатливост одамна ги надминала границите на Македонија, а со појавувањето во „The Rivals of Amziah King“ македонската традиционална мелодија добива ново место – во американска филмска продукција со познати холивудски актери.

ИЗДВОЕНИ