Федералната унија на европските националности (ФУЕН) едногласно ја усвои резолуцијата поднесена од Македонското друштво „Илинден“-Тирана, со која се бара поголема заштита на правата на Македонците во Албанија.
Како што соопшти претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај, резолуцијата содржи неколку барања до албанските власти.
Со усвоената резолуција, ФУЕН упатува четири клучни барања до албанските и меѓународните институции:
Република Албанија итно да ја потпише и ратификува Европската повелба за регионални или малцински јазици.
Да се преземат ефективни и конкретни мерки за заштита на македонскиот идентитет од зачестените притисоци, негирања и асимилација.
Општина Пустец да остане посебна единица на локалната самоуправа и во рамките на претстојната нова административно-територијална реформа во Албанија.
Општина Пустец официјално да се преименува во Општина Преспа.
Веднаш по гласањето на делегатите, претседателот на Македонското друштво „Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај, во изјава за весникот „Македониум“ го истакна значењето на овој момент.
„Ова е значаен чекор за зачувување на македонскиот јазик, идентитет, култура и сите права на Македонците во Република Албанија. Веќе 11 години, како рамноправна членка на ФУЕН, активно учествуваме во работата на оваа реномирана европска организација и ги застапуваме интересите на нашиот народ. Ова е можност за нови искуства, зајакнување на соработката со другите национални малцинства во Европа и дополнителна афирмација на македонскиот идентитет, јазик, култура и традиција. Со голема гордост го претставуваме македонското национално малцинство на европско ниво“, изјави Ѓурѓај.
Тој усвојувањето на резолуцијата го оцени како „историски ден“ за Македонците во Албанија.
Резолуцијата во најкраток рок ќе биде официјално доставена до сите релевантни албански државни органи, како и до клучните меѓународни и европски институции за заштита на човековите и малцинските права.












