недела, септември 20, 2026
Дома КОЛУМНИ ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Удари на судбината  

ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Удари на судбината  

9

Во животот треба да се ориентираме кон искуствата што нè облагородуваат, зајакнуваат, поттикнуваат и насочуваат кон напредок и позитивни сознанија.

Човекот треба да размислува за последиците од своето однесување и да стане свесен дека ќе мора да ја плати сметката на крајот. Според духовните начела на христијанството, сите ние ќе се соочиме со Божјиот суд и ќе платиме за тоа што го правиме или сме можеле, а не сме го направиле.

Некои лица се пасивизираат и постојано стравуваат, сметајќи дека не е дојден вистинскиот момент за дејствување. Тие ги пропуштаат можностите за креирање позитивни промени, не веруваат во самите себе, ги блокираат потенцијалите, стагнираат и не знаат кој пат да го фатат.

  1. Навидум потешкиот животен пат, неретко, е многу побогат и поубав пат, бидејќи е пат што ќе ни донесе нови сознанија и ќе нè збогати како личност.

А кој е тој пат? Тоа е патот што води кон самите себе, кон правилната надградба на личноста и кон проникнувањето во духовните вредности. Патот што води кон ниските страсти, кон материјализмот, кон его тенденциите и кон зависноста од надворешните влијанија е пат исполнет со многу кризи и тешкотии.

Илузорно е да очекуваме дека секогаш ќе бидеме прифатени и почитувани од другите, многу поважно е колку и како се прифаќаме самите себе, со сите свои мани и доблести.

  1. Треба да го градиме патот што води кон самопочитувањето, себеосознавањето, мирот и кон духовноста.

Тоа е потешкиот животен пат и на тој пат ретко ќе среќаваме лица што вистински ќе нè разберат, поттикнат и ќе ни помогнат. На патот што води кон мирот и духовноста, ќе бидеме оставени сами на себе и соочени со многу борби, искушенија, подеми и падови. Но, има ли поголемо задоволство, поголема инспирација од себеосознавањето и од креирањето позитивни вредности? Кога самостојно се воздигнуваме, тогаш и задоволството е поголемо.

Индискиот мудрец Џиду Кришнамурти укажал дека најстрашно за духот на човекот е да следи туѓи шаблони, да биде малодушен, плашлив, духовно неосвестен и зависен од надворешните влијанија. Таквиот поединец стои во место и не знае каде и како понатаму. Целта е во менталната будност и во придвижувањето на нашите потенцијали.  Кога учиме од искуствата на животот и се движиме кон себеосознавањето, тогаш ни се зголемуваат шансите за подобрување на состојбата во која се наоѓаме. Секое сознание отвора можност за нови уште поголеми сознанија.

Опасно е ако го преоптовариме умот со стресови, со стравови, со блокади, со тешкотии, со неизвесност, тогаш нужно ќе се дисхармонизираме и ќе се наполниме со емоционален отров.  Во тој случај, нема да можеме да напредуваме, туку ќе треба да се справуваме со акумулираниот гнев и со незадоволството во животот. Кога сме под удар на гневот и на емоционалниот отров, тогаш нервозно реагираме и се изместуваме поради најмала провокација. Конфликтите дополнително нè прават несреќни и нè исцрпуваат на психофизички план. Тоа ќе предизвика да го оптовариме сопствениот имунитет и да станеме подложни на разни психосоматски болести.

Некои лица долг период опстојуваат со тело на болка. Тие не разбираат дека е лекот во духовната трансформација и во регенерацијата на нивната личност. Фокусот кон позитивните можности и инвестирањето во личниот развој создаваат чудо. Треба да се навикнеме да го бараме позитивното и да веруваме во моќта на афирмациите: можам; ќе успеам; ќе се снајдам; ќе ми се отвори среќата итн.

  1. Суштината е да имаме силна верба и позитивен пристап кон нештата

Историјата познава случаи кога некои „губитници“ станале најголеми победници. Мошне интересен е животниот пат на оскаровецот Силвестер Сталоне. На почетокот од својата кариера, тој глумел во нискобуџетни филмови со порнографска содржина, чистел кафези на лавови, разнесувал пици, но имал сон да стане успешен и славен актер.

Тој бил мошне талентиран за пишување и во тоа гледал шанса за пробив во филмската индустрија. Го напишал сценариото за филмот „Роки“, кое било прифатено од холивудските продуценти. Со добиениот хонорар, тој можел да се извлече од своите финансиски проблеми. Но, тој не го прифатил хонорарот, туку имал други барања. Му биле понудени многу повеќе пари за откуп на сценариото, но не се согласил. Зошто, бидејќи имал сон што се случува само еднаш во животот. Сонот (вербата) на Сталоне бил да ја добие главната улога во филмот „Роки“. На крајот, продуцентите се согласиле тој да го игра ликот на боксерот Роки Балбоа. Таа улога го промовирала во филмска ѕвезда. На церемонијата на доделување на наградите „Оскар“, филмот „Роки“ добил награда за најдобро сценарио и бил номиниран во категоријата за најдобар филм. Силвестер Сталоне успеал да го реализира својот сон, бидејќи имал силна волја, позитивен дух и самодоверба во сопствените вредности.

  1. Себеусовршувањето е клучно за постигнување, но и за одржување на успехот

Остварувањето на целите не значи и реализирање на  потенцијалите. Во животот треба да одиме напред, кон некоја нова цел и кон создавање нова вредност. Во тој поглед, најзначајна е еволуцијата на свеста, бидејќи само така може да создаваме добро за својата душа, за блиските и за заедницата. Движењето кон својата животна мисија е клучниот фактор и главната смисла на постоењето. Дури и кога има „громови во душата“ (тешкотии), човекот треба да продолжи да се движи (духовно да напредува). Ударите на судбината се составен дел на постоењето. Тие се случуваат за да нè подучат и за да нè држат будни во борбата со искушенијата. Никој не успеал целосно да ги избегне болките и страдањата. Сите ние сме дојдени на овој свет за да учиме тешки животни лекции, но и за да се јакнеме и развиваме како личност. Болките и страдањата се доживуваат, но може и да се надминат. Најголемата мудрост е да разбереме дека колку и да е тешко, ќе помине.

Зошто ги доживуваме болките и страдањата? Затоа што сме наивни! Зошто сме наивни? Затоа што веруваме, без да преиспитаме. Зошто слепо веруваме? Затоа што не се сакаме самите себе и зависиме од другите. Што треба да направиме за да престанеме да зависиме од другите? Да почнеме да се сакаме и прифаќаме самите себе. И што ќе се случи тогаш? Тогаш нема да дозволиме другите да манипулираат со нас, да нè навредуваат и да нè измамуваат.

Откако ќе почнеме многу повеќе да го јакнеме достоинството на личноста, тогаш нема да бидеме подредени на туѓите негативни влијанија. Ќе успееме да се избориме за сопствените вредности и нема да им дозволиме на другите со непочитување да се однесуваат кон нашата личност.

Предолгото опстојување во одреден однос, во пријателството, во партнерството или на работното место на кое не чувствуваме среќа, туку сме омаловажувани и потценувани, е знак за ниско ниво на самопочитување и комплекс на пониска вредност. Достоинството, самовредноста, едукацијата и силниот дух се предуслови за напредување и за трасирање хармонични животни патеки.

Самовредноста ќе ја постигнеме низ акумулација на позитивни вибрации, низ постојана едукација, низ силна волја, низ решеност да успееме, низ афирмативни навики и  низ градење убави животни искуства.

Никој не се родил мудар и способен сè да осознае, туку се надградувал преку навиката, карактерот и учењето од грешките и обидите. Треба да ги препознаеме сопствените вредности, да ја пронајдеме смислата и да согледаме дали се движиме по патот што води кон мир во душата и среќа во животот.

(Авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)

ИЗДВОЕНИ