недела, септември 20, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Од дата-центри до висока технологија – американски инвестиции во најава 

Од дата-центри до висока технологија – американски инвестиции во најава 

1

 

МИЦКОСКИ ОД ВАШИНГТОН: АМЕРИКАНСКАТА ПОДДРШКА ЗА МАКЕДОНИЈА ОСТАНУВА НЕПРОМЕНЕТА

 

Развојот на високотехнолошкиот сектор, особено изградбата на дата-центри, според премиерот, е еден од приоритетите на кои Владата им посветува внимание. Оттаму, тој потврди дека Владата разговара со Крис Павловски, основачот на платформата „Рамбл“, но и со уште пет компании за потенцијални инвестиции во овој сектор. „Тоа е процес што е неповратен. Човештвото ќе се движи во таа насока. Прашањето е како да го канализираме овој процес и да го извлечеме максимумот од него“, вели премиерот. Според него, дебатите за влијанието на дата-центрите врз животната средина и за нивните технички карактеристики често се водат без доволно познавање на технологијата. Мицкоски вели дека САД и администрацијата на Трамп ја гледаат Македонија како близок пријател, не само во регионот туку и во Европа, а американската поддршка за земјава останува непроменета. Наспроти позитивните оцени на Мицкоски за нивото на односите со Вашингтон, лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, тврди дека американската администрација има поинаква слика за политиките на Владата и го отвори прашањето за составот и за трошоците на македонската делегација во САД

 

Соединетите Американски Држави и администрацијата на претседателот Доналд Трамп ја гледаат Македонија како близок пријател, не само во регионот туку и во Европа, а американската поддршка за земјава останува непроменета, вели премиерот Христијан Мицкоски во интервју за Македонската информативна агенција од Вашингтон. Мицкоски, кој престојува во неколкудневна работна посета на САД, посочува дека се разговара со Вашингтон не само за соработката во рамките на НАТО туку и за економијата и за потенцијалните американски инвестиции во Македонија. Како особено значајна ја издвојува средбата со Каролајн Вик од ДФЦ – Американската финансиска корпорација за развој, која, според премиерот, управува со финансиско портфолио од околу 200 милијарди долари.

Развојот на високотехнолошкиот сектор, особено изградбата на дата-центри, според премиерот, е еден од приоритетите на кои Владата им посветува внимание. Оттаму, тој потврди дека Владата разговара со Крис Павловски, основачот на платформата „Рамбл“, но и со уште пет компании за потенцијални инвестиции во овој сектор.

– Тоа е процес што е неповратен. Човештвото ќе се движи во таа насока. Прашањето е како да го канализираме овој процес и да го извлечеме максимумот од него – вели премиерот.

Според него, дебатите за влијанието на дата-центрите врз животната средина и за нивните технички карактеристики често се водат без доволно познавање на технологијата.

– Сите што не се разбираат во високата технологија, зборуваат за бучава, за водно ладење. Ние сега имаме и воздушно ладење и фреонско ладење – вели Мицкоски. Вложувањето во високотехнолошкиот сектор, според премиерот, е дел од пошироката економска стратегија на Владата, чија цел е забрзување на економскиот развој и зголемување на животниот стандард.

Тој ја темели стратегијата на три столба: инфраструктурата, енергетиката и високата технологија.

Во рамките на третиот столб, тој ја посочува и потребата од диверзификација на преработувачката индустрија. Според него, значаен дел од странските инвеститори што дошле во земјава во периодот од 2008 до 2012 година се концентрирани во автомобилската индустрија, но условите во овој сектор се менуваат.

Недостигот од работна сила бара поголема продуктивност

Мицкоски смета дека Македонија во иднина ќе се соочи со сè поголем недостиг од работна сила, поради што треба да се насочи економскиот модел кон индустрии со повисока продуктивност и со поголема додадена вредност.

– Нам ни треба високотехнолошка индустрија, со голема додадена вредност, со која ќе го зголемиме бруто-домашниот производ и ќе го зголемуваме стандардот на граѓаните – вели тој.

Нагласува дека промената на економскиот модел не може да се реализира во еден владин мандат туку, според него, треба да биде дел од долгорочна национална стратегија.

– Овој процес нема да биде за еден мандат. Ова е процес што треба да трае два, три, четири мандати. Не велам дека оваа Влада ќе биде толку долго, ниту, пак, јас пледирам да бидам претседател толку долго во Владата. Но, во суштина, ова треба да биде национална стратегија како треба да се развива државата – вели Мицкоски.

Тој додава дека дигитализацијата и вештачката интелигенција веќе се составен дел од секојдневното функционирање на современото општество.

– Овој процес е неповратен. Човештвото оди натаму и, впрочем, ние денес без вештачка интелигенција и некои податочни центри, кои веќе функционираат некаде, не можеме да направиме ниту телефонски повик преку мобилен телефон – истакнува премиерот.

Филипче: Мицкоски не е на списокот за средби со Трамп

Наспроти позитивните оцени на Мицкоски за нивото на односите со Вашингтон, лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, тврди дека американската администрација има поинаква слика за политиките на Владата и го отвори прашањето за составот и за трошоците на македонската делегација во САД. Филипче посочи дека, според неговите информации, делегацијата брои повеќе од 50 луѓе и побара одговор кој ги покрива трошоците за патувањето.

– Гледаме огромна делегација во посета на САД, која, според нашите информации, брои над 50 луѓе. Граѓаните имаат право да знаат кој ги плаќа високите трошоци за ова патување. Денеска е објавен списокот на државници и на функционери со кои ќе се сретне претседателот Трамп, а Христијан Мицкоски не е на тој список – рече Филипче.

Тој додаде дека, според него, американската администрација ги знае политиките што ги спроведува Владата на Мицкоски.

Со тоа, посетата на Вашингтон, покрај економска димензија, доби и домашен политички контекст, со спротивставени оцени за нивото на односите меѓу Македонија и актуелната американска администрација.

За Владата, пак, фокусот останува на можноста политичките и партнерските односи со САД да се претворат и во конкретна економска соработка – преку инвестиции во инфраструктурата, енергетиката и, пред сè, високотехнолошките индустрии. (Е. А.)

 

ИЗДВОЕНИ