Денеска, со утринска богослужба и со света литургија, беше одбележана петтата годишнина од преосветувањето на целосно обновениот црковен храм „Свети Кирил и Методиј“. Доволен повод да се потсетиме на изградбата на овој црковен храм и на неговото значење за духовниот живот на жителите на Гевгелија, затоа што за гевгеличани тој не е само место за молитва. Тој е дел од градскиот пејзаж, сведок на времето и место низ кое минувале генерации жители на Гевгелија

Од параклис до градски храм
Денешната црква е изградена кон крајот на XIX век. Во 1881 или 1882 година, на ова место било откупено земјиште од Ѓорге Бајалџалиев, тогашен долгогодишен претседател на гевгелиската црковно-училишна општина. На него првично била изградена помала црква – параклис, посветена на светите браќа Кирил и Методиј.
Црквата што ја познаваме денес е подигната во 1896 година. Годината е запишана и на камената плоча вградена на источниот ѕид, надворешно над олтарната апсида. Градител на храмот бил Андон Китанов, име што е запишано во податоците за културното наследство на Гевгелија.
Црквата е изградена како трикорабна градба, со рамни дрвени тавани и со покривна конструкција на две води. Со својата архитектура, таа му припаѓа на сакралното градителство карактеристично за времето во кое Гевгелија постепено добивала изглед на современ град.

Иконостасот – особено богатство
Една од највредните карактеристики на храмот е неговиот иконостас. Со црквата е поврзано името на еден од најпознатите македонски зографи од тој период – Димитар Андонов Папрадишки, син на Андон Китанов, кој учествувал во градењето на црквата. Во храмот се наоѓаат девет икони од Папрадишки, кои му даваат особена уметничка вредност. Неговото творештво претставува значаен дел од македонската зографска традиција од крајот на XIX и почетокот на XX век. Но, храмот крие и нешто уште постаро. Особено интересни се царските двери, односно резбаните врати на иконостасот. Според истражувачките податоци, тие не се изработени за денешниот храм, туку потекнуваат од постар период. Се претпоставува дека биле пренесени од старата гевгелиска црква „Света Троица“ или од манастирската црква „Свети Спас“. Дверите се датираат во XVIII век, а нивниот автор е непознат резбар. Токму оваа неизвесност ја прави нивната приказна уште поинтересна. Интересна е и иконата со претстава на светите Кирил и Методиј, која е датирана од 1880 година, а ја насликал зографот Коста Атанасовски од Крушево.
По Втората светска војна, храмот не останал непроменет. Во 1946 година бил обновен, потоа, во 1983 година, добил нова камбанарија со градски часовник. Со тоа, станал уште позабележителен дел од градскиот простор. Камбанаријата и часовникот не биле само архитектонски додатоци туку станале и дел од визуелната слика на Гевгелија.
Еден од најзначајните понови датуми во историјата на црквата е 19 септември 2021 година. Тогаш бил преосветен храмот, по целосното внатрешно и надворешно реновирање. При обновувањето биле поставени нов иконостас и нов фрескоживопис. На чинот на преосветувањето присуствувале г. г. Стефан, архиепископ охридски и македонски, повеќемина митрополити и свештенослужители на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, како и голем број верници од Гевгелија. Со обновувањето, храмот добил нов изглед, но неговата приказна не почнала одново.
– Со текот на децениите, „Свети Кирил и Методиј“ бил место каде што се среќавале верата, семејството и градскиот живот. Тука се одржувале богослужби, крштавки и венчавки, а храмот особено оживувал за големите христијански празници. Храмот е особено посетен за Велигден, кога доаѓаат голем број гевгеличани да го одбележат Христовото воскресение. Така храмот станал дел од семејните спомени на многу генерации. За еден тоа е место каде што бил крстен, за друг – место каде што се венчале неговите родители, баба и дедо или тој самиот, а за трет – едноставно место во кое со години доаѓал на празник – вели отец Русе Жековски, протојереј од Гевгелиското архиерејско намесништво.

Сто и триесет години подоцна
Во 2026 година, храмот одбележува 130 години од своето постоење, а Општина Гевгелија и Повардарската епархија организираа повеќедневно духовно и културно чествување на 23 и 24 мај. Програмата вклучуваше богослужби, културно-уметничка програма и празнична литија по улиците на Гевгелија. Така, приказната за храмот продолжува. Од малиот параклис од 1881 година, преку изградбата на големата црква во 1896 година, преку обновувањата и промените низ XX век, па до големата реконструкција и преосветувањето во 2021 година – „Свети Кирил и Методиј“ останува едно од местата преку кои може да се чита историјата на Гевгелија. Затоа, кога ќе застане пред храмот денес, човекот не гледа само црква. Гледа дел од градот. Гледа место каде што се сретнале старите мајстори, зографи и резбари; место каде што се зачувале спомените од постарите храмови; место каде што се молеле генерации гевгеличани. И, можеби, токму во тоа е неговата најголема вредност – што не му припаѓа само на минатото туку и на сегашноста и на идните генерации.
(Љ. А.)












