Со донацијата ќе се овозможи набавка на современ бронхолошки столб со фибербронхоскоп, специјализирана медицинска опрема што се користи за прецизен преглед на дишните патишта, навремена дијагностика и третман на белодробните заболувања кај децата, како и при итни состојби предизвикани од вдишани туѓи тела. Според податоците на „Алкалоид“, од првиот хуманитарен пикник пред 12 години досега, собрани се близу 14 милиони денари, кои, преку Фондацијата „Трајче Мукаетов“, биле наменети за поддршка на здравствените установи, хуманитарните и граѓанските организации, лицата со ретки болести, ранливите категории граѓани и еколошките иницијативи
Речиси 2,2 милиони денари се собрани на 12. хуманитарен пикник на „Алкалоид“, средства што ќе бидат наменети за набавка на современа медицинска опрема за Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“. Со донацијата ќе се овозможи набавка на современ бронхолошки столб со фибербронхоскоп, специјализирана медицинска опрема што се користи за прецизен преглед на дишните патишта, навремена дијагностика и третман на белодробните заболувања кај децата, како и при итни состојби предизвикани од вдишани туѓи тела.
Од „Алкалоид“ посочуваат дека оваа хуманитарна иницијатива почнала во 2011 година, по повод 75-годишниот јубилеј на компанијата, а со текот на времето прераснала во традиционален настан на кој учествуваат вработените, нивните семејства и пријатели.
Според податоците на компанијата, од првиот хуманитарен пикник досега, собрани се близу 14 милиони денари, кои, преку Фондацијата „Трајче Мукаетов“, биле наменети за поддршка на здравствените установи, хуманитарните и граѓанските организации, лицата со ретки болести, ранливите категории граѓани и еколошките иницијативи.
Директорката на Клиниката за респираторни заболувања кај децата „Козле“, проф. д-р Катерина Бошковска, ја поздрави донацијата, оценувајќи дека таа ќе придонесе за подобрување на условите за лекување на најмладите пациенти.
– Особено сме благодарни што „Алкалоид“, како и многупати досега, ја препознава важноста на вложувањето во здравјето и создавањето подобри услови за лекување на најмладите пациенти. Ваквата поддршка е пример за општествена одговорност, која создава конкретна и трајна вредност за заедницата – рече Бошковска.
Генералниот директор, претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ и претседател на Фондацијата „Трајче Мукаетов“, Живко Мукаетов, истакна дека хуманоста, солидарноста и грижата за заедницата остануваат дел од корпоративните вредности на компанијата.

– Зад секој успех и зад секое достигнување на „Алкалоид“ стојат луѓето: оние што ги поставиле темелите, оние што продолжиле да градат и оние што денес ја носат компанијата напред. Особено сум горд на големото семејство алкалоидовци, кои и овој пат покажуваат дека припадноста кон компанијата се препознава и преку човечноста, солидарноста и подготвеноста да се помогне таму каде што е најпотребно. Особено ми е драго што годинашната донација е наменета за подобри услови за лекување на најмалите, зашто тоа е суштината на нашата мисија: здравјето пред сè! – нагласи Мукаетов.

Годинашниот хуманитарен пикник се одржа во знакот на 90- годишнината од постоењето на компанијата, а традиционалните маици за настанот беа украсени со мотивот „Алкалоидова куќа“, дело на македонскиот уметник Сатја Грабул, симболизирајќи ги заедништвото, припадноста и солидарноста.












