Лука Дончиќ игра во врвна форма периодов, односно по разделбата од веќе поранешната свршеница Анамарија Голтес. Но, очигледно е дека ситуацијата во која е во моментов му создава голема нервоза. Имено, на драматичен натпревар против Орландо, на кој победи Лејкерс со еден поен разлика, Дончиќ ја заработи својата 16. техничка грешка во сезоната, за која автоматски беше суспендиран на еден натпревар и казнет со 5.000 долари.
Според правилата на НБА, секој играч, по својата 16. техничка грешка во сезоната, добива суспензија од еден натпревар, а за секои два наредни – нова суспензија и дополнителна парична казна. Ова значи дека Дончиќ ќе мора да го контролира своето однесување во клучниот дел од сезоната пред плејофот.
Лејкерс, сепак, најави жалба, бидејќи смета дека му е неправедно досудена техничката грешка на словенечкиот кошаркар. Жалбата беше прифатена. НБА ја поништи техничката грешка на Дончиќ и тој ќе може да игра на наредните натпревари, објави Шамс Чаранија.
Вербалниот конфликт меѓу Дончиќ и Грузиецот Гога Битадзе се случи по прекршок врз словенечкиот кошаркар. Двајцата разменија неколку збора додека изведуваше Дончиќ слободни фрлања, а потоа продолжија да си дофрлуваат, па судијата им додели техничка грешка.
Тренерот на Лејкерс, Џеј Џеј Редик, им рече на новинарите по натпреварот дека Битадзе го предизвикал конфликтот, навредувајќи ја мајката на Дончиќ.
- Ќе се обидеме да го поништиме тоа. Не сум сигурен што се случи точно. Само знам дека беа кажани некои работи за мајката на Лука, на јазик што судиите не можеа да го разберат – откри Редик.
По тоа, Лука застана пред новинарите и ја презентираше својата верзија на приказната.
- Рече дека ќе ми го е*е целото семејство. Не можев да го поднесам, морав да се бранам себеси – изјави Дончиќ, кој откри дека Битадзе го кажал тоа на српски јазик.
Сепак, Грузиецот тврди дека Дончиќ бил првиот што почнал да навредува.
- Она што го кажа Лука не беше вистина. Рече нешто за мајка ми, што беше навистина несоодветно. Ние не кажуваме такви работи. Јас само возвратив со иста мера. Тоа е тоа – вели Битадзе.











