Ремито од 1:1 против Катар на почетокот од Светското првенство предизвика лавина критики во швајцарската јавност, а меѓу најгласните беше поранешниот репрезентативец Блерим Џемаили, кој смета дека националниот тим сам си ги создал проблемите.

Во анализата за швајцарскиот медиум „Блик“, Џемаили истакна дека резултатот се чувствува како пораз и за играчите и за селекторот. Според него, клучниот проблем бил падот во играта по извршените замени, по што тимот ги загубил структурата и контролата врз натпреварот.

Поранешниот играч особено ги критикуваше резервистите, оценувајќи дека не ги почитувале своите тактички задачи, поради што играта на Швајцарија станала хаотична. Тој смета дека некои од измените биле непотребни и направени со цел да им се даде шанса на повеќемина играчи, наместо да се задржи стабилноста на теренот.

Џемаили го бранеше и Миро Мухеим, кому ФИФА му го припиша автоголот за израмнување на Катар, нагласувајќи дека станува збор за несреќна ситуација што можела да му се случи секому.

Сепак, најголема загриженост му предизвикува атмосферата околу репрезентацијата. Според него, во тимот владее премногу немир по неодамнешните контроверзии поврзани со капитенот Гранит Џака и случувањата надвор од теренот.

  • Мора повторно да играме како тим. Себичноста мора да исчезне и мора сите да размислуваат само за колективот – порача Џемаили.

Тој побара и поголема одговорност од искусните фудбалери како Мануел Аканџи, Грегор Кобел и Нико Елведи, сметајќи дека лидерството не смее да остане само на Џака.

И покрај критиките, Џемаили верува дека Швајцарија има квалитет да се врати на победничкиот пат. Како охрабрување ги посочи првите 60 минути против Катар, кога тимот изгледал добро и контролирал сè на теренот, но не успеал да ги реализира своите шанси. Следниот натпревар против Босна ќе биде вистински тест за карактерот на швајцарскиот состав.

 

ИЗДВОЕНИ