Германскиот тенисер Саша Зверев официјално ќе биде број еден на АТП-листата од понеделник. Веќе неколку недели е познато дека нè чекаше ова сценарио, сè што требаше беше Синер да „губи поени“, Зверев да ги добие, па сега, од Виена, на турнир на кој учествува тој, пристигна потврда дека ќе има промена на АТП-листата. Затоа Зверев дојде на прес-конференцијата во Виена, по победата над Грикспор, повеќе од расположен и следуваа бројни честитки. Сепак, новинарите мораа да ја чепнат приказната дека тој е „лажниот број еден“, поради повредите на Алкарас и на Синер.
– Мислам дека многу се зборуваше за тоа оваа година – рече Саша Зверев.
Тој е свесен за инсинуацијата дека незаслужено стигнал до првото место поради повредите на Алкарас и на Синер.
– Ова е мое лично мислење и, секако, многу луѓе сега може да кажат: „Еве го, седи тука како тенисер број еден во светот, а стигна дотаму поради повредите на други играчи“. Сепак, физичката кондиција и здравјето се огромен дел од спортот. Тоа е исклучително важен фактор.
Во декември, кога се подготовките, имам четири недели тренинг, поминувам пет-шест часа секој ден работејќи на физичката кондиција и играм тенис од еден до еден и пол час. Значи, ѝ посветувам многу повеќе време на физичката кондиција отколку на тенисот. Сето ова го правам за да останам здрав, за да избегнам повреди и за да имам чувство дека можам да бидам исто толку подготвен во петтиот сет како и во првиот – кажа тој.
Оваа сезона, Саша Зверев не ги победи Ѓоковиќ, Алкарас и Синер, тој има резултат 0:7 против најдобрите играчи во светот, се мачеше против другите што се меѓу првите десетмина и е само на две победи.
„Секако, мислам дека изгубив од Јаник Синер четири или пет пати по ред оваа година“, рече Зверев: „Кога беше здрав, според мене, тој беше најдобриот тенисер во светот, нема сомнение за тоа. Сепак, мислам дека ја имав најдобрата сезона. Не успеав да победам ниту еден од нив, тоа е факт.
– До Вимблдон, дури и не знаев како да играм против него и да го победам. Мислам дека од Вимблдон почнав да наоѓам решение и одиграв многу неизвесен натпревар. Но, како што реков, фитнесот и здравјето се составен дел од тенисот.
Со оглед на тоа што зборуваше на темата на германски, му беше поставено истото прашање на англиски, па малку се налути, но ги повтори зборовите, додавајќи дека е свесен за тоа што се случува.
– Ќе го повторам она што го кажав на германски. Мислам дека фитнесот и здравјето се исклучително важен дел од спортот. Во текот на првите шест месеци од сезоната или колку и да траеше тој период, загубив од Јаник четири или пет пати по ред. Нема сомнение дека тој беше најдобриот играч во светот во тоа време и дека редовно ме победуваше. Би бил будала да седам тука сега и да тврдам дека сум добар како Јаник Синнер. Не бев. Бев втор најдобар играч во светот бидејќи беше повреден Карлос и не можеше да се натпреварува – рече тој.
Тој заврши, велејќи дека едвај чека да се обиде да го потврди своето прво место во 2027 година.
Се радувам што Јаник и Карлос повторно ќе бидат здрави и се надевам дека ќе можам да се натпреварувам против нив уште многу години. Не само во следните неколку години туку уште многу години. Се надевам дека ќе продолжам да имам интересна борба со нив – рече Зверев.












