Соединетите Американски Држави и Иран денес постигнаа прелиминарен договор за продолжување на прекинот на огнот и отворање на Ормускиот теснец.
Деталите од договорот сè уште не се објавени, а Пакистан, кој посредува во преговорите, објави дека потпишувањето ќе се случи во петок во Женева.
Службеници од двете страни потврдија дека договорот нема да се спроведе сè додека не се потпише.
Сепак, израелскиот министер за одбрана Израел Кац денес изјави дека Израел нема да се повлече од териториите што ги окупирал во Либан, што потенцијално би можело да го доведе во прашање договорот меѓу Техеран и Вашингтон, објави агенцијата „Асошиејтед Прес“ (АП).
Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека „Израел ќе продолжи да се брани од каква било закана“.
Ставот на Израел претставува потенцијална закана за договорот, бидејќи Иран побара секој договор за завршување на војната да вклучува прекин на борбите во Либан.
Дополнителен предизвик е прашањето за нуклеарната програма на Иран и залихите на високо збогатен ураниум.
Според договорот, двете страни имаат 60 дена да постигнат договор за иднината на нуклеарната програма на Иран, за која САД и Израел стравуваат дека би можела да се искористи за изградба на атомско оружје, и покрај тврдењата на Техеран дека е мирна.
Иранските и американските претставници ќе одржат подготвителни состаноци во Катар оваа недела пред да го потпишат договорот, изјави дипломат за АП, зборувајќи под услов да остане анонимен.
Меѓународната заедница го поздрави постигнатиот договор меѓу Вашингтон и Техеран.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Франција и нејзините партнери се „подготвени да преземат брзи мерки за враќање на нормалниот поморски сообраќај низ Ормускиот теснец“, пренесе „Бета“.












