петок, октомври 30, 2026
Дома СВЕТ Нетанјаху нема мнозинство, но и понатаму ги влече конците!

Нетанјаху нема мнозинство, но и понатаму ги влече конците!

0
EPA/JEWEL SAMAD

Коалицијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху освои 53 од вкупно 120 места во Кнесетот, недоволно за парламентарно мнозинство, покажуваат синоќа објавените конечните резултати од изборите.

Партијата „Ликуд“ на Нетанјаху е најголема со 27 пратенички места, додека опозицискиот блок предводен од центристот Гади Ајзенкот освои 48 места.

Двете арапски листи, Раам и Обединетата листа, заедно освоија 19 места, со што се наметнуваат како значаен фактор во преговорите за формирање влада.

Блокот на Нетанјаху ги обвини арапските партии за изборни измами и за наводно добивање средства од Катар за купување гласови. Партиите и Катар ги отфрлија обвинувањата, а Ајзенкот го обвини премиерот дека се обидува да ги делегитимира изборните резултати.

Израелската служба за внатрешна безбедност „Шин Бет“ соопшти дека истражува наводни неправилности, нагласувајќи дека истрагата нема цел да инкриминира цела заедница што гласала демократски и законски. Централната изборна комисија, пак, оцени дека одредени информации што се шират во јавноста се целосно неосновани.

Конечните резултати треба да му бидат официјално доставени на претседателот Исак Херцог во среда. Тој потоа ќе почне консултации со партиските лидери пред да му довери на еден од нив да се обиде да формира влада.

Бенјамин Нетанјаху најверојатно ќе биде првиот што ќе го добие мандатот, бидејќи неговата партија „Ликуд“ ја има најголемата поединечна пратеничка група во Кнесетот. Нетанјаху потоа би имал рок од шест недели да пронајде коалициски партнери.

Доколку овој обид биде неуспешен, претседателот Херцог би можел да му го довери формирањето на влада на некој друг. Таа личност би имала на располагање четири недели. На барање на Кнесетот, мандатот би можел да му се довери дури и на трето лице.

Најдоцна до почетокот на март, претседателот на државата ќе мора да го распушти парламентот и да распише нови избори, кои потоа би требало да се одржат во рок од 90 дена.

Сепак, според најверојатното сценарио, Нетанјаху ќе остане на власт во текот на наредните месеци. Како лидер на најголемата пратеничка група, тој ќе продолжи да го задржи главното влијание. Теоретски, можна е и малцинска влада предводена од Ајзенкот или од Нетанјаху. Меѓутоа, за нејзиниот опстанок би била потребна поддршка од една или повеќе партии.

ИЗДВОЕНИ