Возачот на Алпин, Пјер Гасли, се соочил со неверојатен бран онлајн закани, откако добил дури 13.000 закани со смрт. Шокантната бројка ја откри претседателот на Меѓународната автомобилистичка федерација (ФИА), Мохамед Бен Сулајем, во интервју за поткастот „Драјв“.
- Пјер Гасли доби 13.000 закани со смрт – 13.000!, изјави Бен Сулајем, кој предупреди дека ваквите напади стануваат сè поголем проблем во Формула 1.
Гасли се најде на удар на навивачите по Големата награда на Мадрид, одржана во средината на септември. Причина за жестоките реакции бил инцидент на патеката, во кој Французинот наводно го попречил својот тимски колега, аргентинскиот возач Франко Колапинто.
Дел од поддржувачите на Колапинто не го прифатиле добро потегот на Гасли, па започнале со навреди и закани на социјалните мрежи. Но, според првиот човек на ФИА, проблемот одамна ги надминал границите на обичните навивачки препукувања.
Бен Сулајем откри дека на цел на нападите се наоѓаат и членовите на семејствата на возачите, нивните партнери, како и службените лица задолжени за организација на трките.
Особено вознемирувачки е случајот со една службеничка, која добила закани со убиство и силување, по што одлучила да се повлече.
- Ризикуваме да го изгубиме спортот поради онлајн злоупотребувањето, предупреди претседателот на ФИА, нагласувајќи дека станува збор за глобален проблем.
Федерацијата веќе презема мерки, а во борбата против насилството користи и вештачка интелигенција за откривање на профилите од кои се испраќаат заканите.
Најавени се и жестоки санкции, вклучително и доживотни забрани за присуство на тркачките патеки, како и блокирање на пристапот до официјалните дигитални платформи.
ФИА ја започна иницијативата „Обединети против онлајн злоставувањето“, со која сака да ја подигне свеста за овој сериозен проблем.
Во меѓувреме, се огласи и Колапинто, кој преку видеопорака ги повика своите навивачи да престанат со нападите и им порача дека поддршката за него никогаш не треба да значи навредување или загрозување на другите возачи.











