вторник, август 4, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Високите цени и трошоците за живот го јадат зголемувањето на платите

Високите цени и трошоците за живот го јадат зголемувањето на платите

Минималната плата порасна за 6,9 проценти и е меѓу најбрзорастечките во Европа, но високите цени и трошоците за живот го јадат зголемувањето. Македонија сè уште е на дното во Европа според платите. Според бруто-износот, Македонија со 624 евра е над Бугарија (620 евра), но зад Србија (743 евра), Црна Гора (670 евра) и далеку зад Словенија

0

Македонија е меѓу европските земји со најголем раст на минималната плата во 2026 година, но и покрај зголемувањето, земјата и натаму останува при дното според висината на минималните примања, покажуваат најновите податоци на „Евростат“. Од јануари до јули 2026 година, минималната плата во Македонија е зголемена за 6,9 проценти, што е најголем раст меѓу 29. набљудувани европски земји. Поголем раст е забележан само во истата категорија со Романија и со Естонија, кои имаат зголемување од 6,8 проценти.

И покрај растот, минималната нето-плата во Македонија изнесува околу 26.046 денари, што ја позиционира земјата меѓу државите со најниски гарантирани примања во Европа. Според бруто-износот, Македонија со 624 евра е над Бугарија (620 евра), но зад Србија (743 евра), Црна Гора (670 евра) и далеку зад Словенија.

Кога се споредуваат платите според стандардот на куповната моќ (PPS), сликата е поповолна. Македонија има 1.142 PPS и е пред седум земји членки на Европската Унија, меѓу кои Малта, Словачка, Унгарија и Чешка. Според оваа мерка, земјата напредувала за осум позиции: од 24. на 16. место.

Сепак, разликата меѓу приходите и трошоците на домаќинствата останува голема. Според синдикалната минимална кошница на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), на едно четиричлено семејство во јули му биле потребни 68.498 денари за основните месечни потреби. За семејствата што немаат сопствен дом и плаќаат кирија, потребниот износ достигнува 83.873 денари. Најголем дел од семејниот буџет оди за храна и за безалкохолни пијалаци – 25.012 денари, односно 36,5 проценти од вкупната кошница. Следуваат образованието со 7.192 денари, облеката и обувките со 6.511 денари, домувањето и сметките со 6.379 денари и другите основни трошоци.

– Платите пораснале, но цените на храната и трошоците растат со многу побрзо темпо од платите. Освен на сезонските овошје и зеленчук, цените на другите производи и понатаму остануваат високи. Така што иако расте, минималната плата не може да ги покрие трошоците на едно семејство, односно оди една минимална плата само за храна – изјавија за весникот ВЕЧЕР од ССМ.

Оттаму додаваат дека сега, поради високите цени на горивата, цените се уште повисоки, така што очекуваат од септември намалување на ДДВ и на цената на горивата.

– Горивата се скапи и ги креваат цените на другите производи. Граѓаните сега плаќаат повеќе за превоз, за патување и за други услуги што се поврзани со користењето на овој енергенс. Така што не може да ја земеме предвид само храната, значи тука се и цените на другите производи и услуги кои ги користат граѓаните и кои уште како се одразуваат врз семејниот буџет – велат од Синдикатот.

Во европски рамки, највисока бруто минимална плата во јули имал Луксембург со 2.771 евро, пред Ирска (2.391), Германија (2.343), Холандија (2.338) и Белгија (2.234 евра). Франција е следна со 1.867 евра.

Кога се зема предвид куповната моќ, Германија е на првото место со 2.164 PPS, пред Луксембург, Холандија, Белгија и Ирска. Разликите меѓу земјите се намалуваат токму поради разликите во животните трошоци.

Во периодот јануари – јули, само осум од 29 европски земји ги зголемиле минималните плати, додека во другите држави износите останале непроменети. Во еврозоната, инфлацијата во истиот период изнесувала 3,2 проценти.

(А. С.)

 

ИЗДВОЕНИ