Висок економски претставник на рускиот претседател Владимир Путин и раководството на екстремно десничарската партија „Алтернатива за Германија“ (AfD) започнаа подготовки за средба следната година, на која ќе се разговара за обновување на испораките на руски гас за Германија. Ова ексклузивно го дозна Ројтерс од два извори запознаени со плановите.
Разговорите за оваа средба – која би можела да се одржи уште во март – дополнително ги истакнуваат блиските врски меѓу Москва и „АфД“, партија што бележи пораст на поддршката во Германија, но останува исклучена од власта поради одбивањето на другите водечки партии да формираат коалиција со неа.
Според еден од изворите на „Ројтерс“, се очекува на средбата да присуствуваат Кирил Дмитриев, близок советник на Путин и шеф на Рускиот фонд за директни инвестиции, како и копретседателите на „АфД“, Алис Вајдел и Тино Крупала.
Претставниците и на „АфД“ и на Дмитриев одбија да ја коментираат информацијата објавена од „Ројтерс“.
Пред воведувањето на санкциите по почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година, Русија обезбедуваше повеќе од половина од германскиот природен гас и над една третина од увозот на сурова нафта.
На дневен ред и „Северен тек“
Според изворот на Ројтерс, средбата би се одржала само доколку претходно се постигне мировна рамка меѓу Русија и Украина. Организаторите се надеваат дека разговорите би можеле да ги обединат претставниците на „АфД“, Русија и САД. Како можни локации за средбата се разгледуваат Израел, Обединетите Арапски Емирати и Индија.
Организаторите би сакале на средбата да учествуваат и американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер, кои овој месец разговараа со Дмитриев во Москва. Сепак, висок американски функционер изјави за Ројтерс дека ниту Виткоф, ниту Кушнер не биле информирани или поканети на предложената средба.
Една од темите би била можното повторно пуштање во употреба на руските гасоводи „Северен тек“.
Во интервју за „Ројтерс“ во јуни, Вајдел се заложи за укинување на бојкотот на руската нафта и гас со цел да ѝ се помогне на германската економија. „АфД“ го претставува враќањето кон рускиот гас како прагматично решение, а Вајдел ја опиша „евтината енергија од Русија“ како „тајна за успехот на ознаката ’Произведено во Германија‘“. Силно противење на враќањето кон рускиот гас
Секоја таква средба би имала главно симболичен карактер, бидејќи „АфД“ не е дел од германската сојузна влада. Сепак, овие подготовки доаѓаат по големиот успех на партијата на изборите во Саксонија-Анхалт и пред гласањето во Мекленбург-Западна Померанија – сојузната покраина каде што гасоводот „Северен тек“ (Nord Stream) влегува во Германија.
Изгледите за враќање кон рускиот гас веќе предизвикуваат силно противење во одредени кругови на германската политичка сцена.
„Германија не смее повторно да стане зависна од Русија“, изјави пратеникот од Партијата на зелените, Михаел Келнер.
„Не смееме да ги повториме грешките од енергетската криза. Таа нè чинеше 50 милијарди евра“, додаде тој, обвинувајќи го Путин дека ја користи „АфД“ за сопствени цели. Родерих Кизеветер, од ЦДУ (партијата на Фридрих Мерц), исто така предупреди дека Русија ја користи енергијата – конкретно „Северен тек“ – како алатка за политички притисок, тврдејќи дека повторното пуштање во употреба на гасоводот би било штетно за европската безбедност.
Според еден од изворите на „Ројтерс“, партијата „АфД“ се надева дека средбата би можела да го покаже нејзиниот капацитет за дејствување во сферата на надворешната политика, а истовремено да изврши дополнителен притисок врз германската влада поради високите цени на енергенсите.











