Охридскиот аеродром „Свети апостол Павле“, управуван од ТАВ Македонија, во јули го забележа најуспешниот месец во својата историја, со рекордни 52.544 патници и 443 реализирани лета. Во споредба со јули 2025 година, патничкиот сообраќај е зголемен за 41,2 проценти, а бројот на летови за 34,7 проценти.
На 26 јули бил регистриран и најфреквентниот ден во историјата на аеродромот, со 2.988 патници, додека на 20 јули биле реализирани рекордни 22 лета во еден ден.
Во периодот јануари – јули, преку охридскиот аеродром патувале 175.182 патници, што е раст од 24,2 проценти на годишно ниво, додека бројот на летови достигнал 1.350, што е зголемување од 28,7 проценти.
Силен раст бележи и Меѓународниот аеродром Скопје, кој во јули опслужил 408.925 патници, односно 29,5 проценти повеќе од тој месец лани. Во истиот период биле реализирани 2.670 лета, што претставува раст од 10,3 проценти.
Од почетокот на годината до крајот на јули, скопскиот аеродром опслужил 2.241.935 патници или 29 проценти повеќе во однос на истиот период во 2025 година, додека бројот на летови се зголемил за 7,1 процент.
Двата македонски аеродроми заедно во првите седум месеци од годинава опслужиле повеќе од 2,4 милиони патници и реализирале 16.280 лета, што претставува раст од 28,4 проценти на патничкиот сообраќај и 8,6 проценти на бројот на операции.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, оцени дека рекордните резултати се потврда за успешната стратегија на компанијата, проширувањето на мрежата на авиолинии и соработката со Владата за привлекување нови авиокомпании. Тој нагласи дека и покрај реконструкцијата на охридскиот аеродром, авиосообраќајот и патничките услуги се одвиваат непречено.
Успешните резултати ги потврди и најновиот извештај на ACI Europe, според кој Северна Македонија е лидер меѓу земјите надвор од ЕУ+ по раст на патничкиот сообраќај во првата половина од 2026 година, со зголемување од 27,9 проценти. Воедно, Меѓународниот аеродром Скопје е рангиран меѓу најбрзорастечките аеродроми од средна категорија во Европа, со раст од 28,6 проценти.












